Зеленски ладно пречекан во Вашингтон

Не беше така одамна кога украинскиот претседател Зеленски во американскиот Конгрес беше дочекан со повеќеминутни овации од конгресмените од двете партии кои стоечки му аплаудираа. Сега тоа може да му личи на далечен сон. Сега се нема време за него, а за пари, ќе видиме.

Пред девет месеци, украинскиот претседател за првпат тајно ја напушти својата земја која се наоѓа во војна за да одржи емотивно обраќање пред Конгресот. Двеминутните овации што ги доби - и од демократите и од републиканците - беа далеку од она со она со што се соочи на неговото второ воено патување во Вашингтон.

Зеленски сега во Вашингтон дојде на терен на кој има два важни момента за него. Од една страна, Џо Бајден повторува дека ќе биде со на Украина онолку колку што ќе биде потребно. Во моментов  од Конгресот тој бара нови 24 милијарди помош за Украина (досега имаат дадено 113 милијарди).

Од друга страна, во Конгресот расте сознанието дека војната нема крај и најверојатно не може да се добие, особено по тенките резултати на долгоочекуваната украинска контра-офанзива. А американскиот дефицит е огромен (види: Се ладат и најпроукраинските конгресмени). 

Посетата на Зеленски беше искористена за писмо до Белата куќа потпишано од 6 сенатори и 22 членови на Претставничкиот дом кои се против давање нови милијарди за Зеленски.

Овојпат претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти приватно се сретна со Зеленски, но го одби неговото барање да се обрати на заеднички состанок на Конгресот.

„Едноставно немавме време“, им рече на новинарите.

Во врска со парите за Украина, ладно се произнесе Конгресменот Бајрон Доналдс.

„Во моментов нема пари за Украина. Искрено, ова не е добро за Зеленски да биде овде“.

Извори на Аксиос велат дека разговорите на Зеленски со МекКарти и други конгресмени биле отворени и директни и дека тој заминал од Капитол Хил  со „многу реалистична слика“ какви се работите, кога станува збор за односот на силите во Конгресот.

22 септември 2023 - 11:32