Американскиот конгресмен Енди Харис им порача на своите гласачи дека можеби е време да се привршува со директната американска помош за Украина.
„Дали e дојдено до пат позиција? Дали треба да бидеме реални за тоа? Мислам дека би требало“, рече конгресменот од Мериленд.
За пролетната офанзива на Украина, која имаше за цел да го пресврти текот на војната:
„Ќе бидам отворен, не успеа.“ Беше отворен и за изгледите за победа во иднина: „Веќе не сум сигурен дека ова може да се победи“.
Зошто ставот на Харис е занимлив? Тој е дел од десничарската групација во Конгресот но истовремено е ко-претседавач на Конгресната група за Украина, двопартиско тело кое го сочинуваат најжестоките поборници на Украина. А мајка му е Украинка која избегала од комунистичката Источна Европа после Втората светска војна.
Тој досега редовно гласаше за сите пакети воена и финансиска помош за Украина, но сега мисли малку поинаку:
„Ако се хуманитарни пари, невоени пари или пак воени пари без надзор од генералниот инспектор, јас не го поддржувам тоа“, вели Харис покажувајќи на цифрите за трилиони долари американски дефицит.
Новиот тон на Харис за помошта за Украина е уште еден знак за промени во Републиканската партија по ова прашање. Тоа е најава и за нови главоболки за спикерот Кевин Мекарти кој ќе треба да го избутка во Конгресот најновиот план на Џо Бајден за дополнителни 24 милијарди итни долари за Украина
„Мислам дека дојде време реално да се повика на мировни преговори. Знам дека Зеленски не го сака тоа. Без наша помош, тој катастрофално би ја изгубил војната, ама и со наша помош, не победува. Пат позиција“, изјави американскиот конгресмен.