Од вкупно 90 милијарди евра што Украина ќе ги добие како заем од Европската Унија, со 60 милијарди ќе може да ги финансира своите трошоци за војната со Русија, а со преостанатите 30 милијарди ќе треба да ги одржи во живот сите цивилни обврски на државата.
Првата рата ќе му биде исплатена на Киев во април, но само ако во меѓувреме 24 членки на ЕУ и Европскиот парламент го ратификуваат договорот за заемот. Од сите обврски се ослободени Унгарија, Чешка и Словачка, кои одбија да учествуваат во заемот.
Трошењето строго ќе се надгледува за да се обезбеди почитување на законите и да се спречи парите да се изгубат во мрежите на корупција кои се разгранија во Украина, особено откако почна војната со Русија, и стигнаа до државниот врв.
Првичниот план на Европската комисија ја ограничуваше Украина со парите за одбранбени трошоци да купува оружје и воена опрема од домашни произведувачи, од членките на ЕУ и од пошироките трговски асоцијации и зони, во кои се и Норвешка и Британија.
Францускиот претседател Макрон најцврсто стоел зад ограничувањето „купување во Европа“. Сепак, на Киев ќе му биде дозволено да купува воена опрема и од САД и други земји ако не може да набави специфично оружје во ЕУ. На ова притискале Германија и Холандија, кои истакнале дека Украина може да остане без витално оружје за одбрана, ако не купи модерни американски противвоздушни системи и долгострелни ракети.

Европа треба да има корист во отворање работни места и истражувања од милијардите што ги инвестира во Украина. Европа ќе има приоритет, но ако не е можно да најде оружје, Украина ќе може да купува од други земји, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Украина ќе треба да ѝ го врати заемот на ЕУ само ако добие воена отштета од Русија како дел од договорот за крај на војната. Москва, која е во позиција да ги диктира условите за мир, отфрла таква идеја.
Фон дер Лајен предупреди и дека Европската комисија го задржува правото да ги користи руските замрзнати средства низ Европа, иако на тоа категорично се спротивстави белгискиот премиер Барт де Вевер.
Русија не покажа знаци на каење ниту на барање мир, туку ги засили нападите за време на Божиќ, убивајќи цивили... Сите сакаме мир за Украина. А за тоа, Украина мора да биде во позиција на сила, изјави претседателката на Европската комисија.
Американскиот претседател Доналд Трамп има спротивен став и оцени дека рускиот претседател Владимир Путин повеќе е за крај на војната отколку Украина. На прашањето зошто заглавила американската мировна иницијатива, Трамп одговори со еден збор: „Зеленски“.