Зеленски ја предаде демократијата за која војуваат Украинците

Илјадници луѓе синоќа низ Украина протестираа против ненадејната одлука на претседателот Володимир Зеленски да ја ограничи автономијата на две антикорупциски агенции кои се од централно значење за спроведување на реформите. Справувањето со ендемската корупција е услов за Киев да ѝ се приклучи на ЕУ и да добива милијарди долари помош од Западот.

Амандманите усвоени во вторникот му даваат на главниот обвинител строга контрола врз Националното биро за борба против корупцијата на Украина и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (NABU и SAPO). Главниот обвинител Руслан Кравченко, кој е назначен од претседателот, доби право да префрла случаи од агенциите и да прераспределува обвинители.

Зеленски ја прдаде украинската демократија, за која сите се бориме, коментира Киев индепендент.

Гласањето предизвика остри критики од раководителите на двете агенции и од високи претставници на Европската Унија и предизвика најмасовни јавни протести откако почна руската инвазија на Украина во 2022 година. Илјадници луѓе во Киев, Лавов, Днепар и Одеса носеле транспаренти „Ја избравме Европа, а не автократија“ или „Татко ми не загина за ова“.

Само еден ден претходно Агенцијата за внатрешна безбедност на Киев уапси двајца претставници на NABU под сомнение за врски со Русија и спроведе претреси на вработените во агенцијата. Претседателот Зеленски изјави дека двете агенции сè уште ќе функционираат, но „треба да бидат исчистени од руското влијание“.

Службеници од двете агенции тврдат дека репресијата отишла предалеку. Шефот на НАБУ, Семен Кривонос, го повика Зеленски да не го потпишува законот за забрзана постапка, кој го опиша како обид за „уништување“ на антикорупциската инфраструктура на Украина.

На одлуката итно реагираа меѓународните инвеститори. Вредноста на украинските државни обврзници падна за повеќе од 2%.

Отстранувањето на клучните заштитни мерки што ја штитат независноста на NABU е сериозен чекор назад, рече Еврокомесарот за проширување Марта Кос, и потсети дека „владеењето на правото е јадрото на пристапните преговори со Унијата“.

Друг западен дипломат ги опиша настаните како „најопасен момент“ досега за независноста на антикорупциските тела и додаде дека „сојузниците на Киев го губат трпението“.

НАБУ и САПО беа основани по револуцијата на Мајдан во 2014 година, со која беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович и Киев се приклони кон Западот. Двете агенции ја засилија својата работа за време на војната, покренувајќи обвиненија против пратеници, министри и поранешниот заменик-шеф на администрацијата на Зеленски.

Првата тревога беше во почетокот на јули, кога водечки активист против корупција беше обвинет за измама и избегнување на воена служба. Тоа беше оценето како политичка одмазда поради разоткривање на корумпирани функционери.

23 јули 2025 - 09:18