Зелена и пријатна Британија

За 27 милиони фунти, организаторите на ЛОИ 2012. ќе добијат 10.000 волонтери, 30 овци, три крави и цел стадион претворен во "британски идиличен пејзаж," објави Дени Бојл соопштувајќи ги деталите за церемонијата на отворањето на Игрите.

Сценографијата ќе има полиња, реки, ливади, вистинска трева, дабови, семејства како уживаат во пикник, луѓе што спортуваат, земјоделци како ја обработуваат земјата и слично.

Насловот на церемонијата е "Зелено и пријатно," а инспирирано е од "Бура" на Шекспир. Темата ќе биде - земја која се опоравува од своето индустриско минато.

Меѓу работите кои ќе ги видиме, е и ѕвоно од 23 тони, кое ќе го означи почетокот на спектаклот. Поставувањето на ѕвоното треба да започне во текот на следната недела.

Генералната проба ќе биде одржана на Олимпискиот стадион пред 80.000 луѓе, а до тогаш на стадионот треба да биде инсталирано и озвучувањето од милион вати.

12 јуни 2012 - 15:37