Западот ѝ дозволи на Украина да гаѓа кај што сака во Русија

Мировната иницијатива на Доналд Трамп за да запре војната во Украина сепак се покажа само како затишје пред бура. Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Западот ги исцрпил сите дипломатски средства и преминува кон воена поддршка за Киев. Сојузниците ќе ѝ доставуваат долгострелно оружје на Украина со дозвола да гаѓа цели длабоко на територијата на Русија.

Повеќе нема какви било рестрикции за испораката на долгострелно оружје за Украина, ни од Британците ни од Французите ни од Американците. Украина сега ќе може самата да се брани, на пример и со напади врз воени позиции во Русија, што не беше можно досега, објави германскиот канцелар Фридрих Мерц на конференција во Берлин.

Тој објасни дека неколкудневните последовни жестоки воздушни напади на Русија ги принудиле сојузниците на Киев да направат се што е во нивна моќ за да ѝ помогнат на Украина да го спречат рускиот претседател Владимир Путин „немилосрдно да бомбардира градови, градинки и болници“.

Западните сојузници долго време ѝ ограничуваа на Украина да ги користи нивните оружја за напади врз Русија. Претседателот Путин предупреди дека ќе ја смета за легитимна цел секоја земја што ќе овозможи загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Русија, при што Москва согласно својата воена доктрина го задржува правото да возврати и со нуклеарно оружје.

Пресвртот во политиката се случи во ноември, кога САД, Британија и Франција ѝ дозволија на Украина слободно да ги користи нивните долгострелни системи АТАКМС, „сторм шедоу“ и „скалп“ со дострел од 250 до 300 километри.

Претходниот германски канцелар Олаф Шолц ѝ испрати на Украина ракетен систем марс-2 со дострел од 85 километри и со ограничување да го користи само за одбрана на Харков. Изјавата на Мерц се толкува како најава дека Берлин ќе ѝ достави на Украина и напреден систем „таурус“ со дострел од 500 километри. Канцеларот објави дека Берлин повеќе нема да открива какво оружје испраќа во Украина.

Москва ја протолкува одлуката на Западот како „опасна“.

Ако навистина се направени вакви одлуки, тие се спротивни на нашите аспирации за мировно решение по политички пат, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

27 мај 2025 - 08:15