
Проблемот е што ваквиот тип на оклоп не е произведен за конфликт со интензитет на украинскиот. Како што пренесува Вол стрит журнал „голем дел од западниот оклоп не функционира тука затоа што тој не е направен за отворена војна туку за конфликт со низок или среден интензитет.“
„Ако него го ставиш во масовна офанзива, тој едноставно нема да даде резултати,“ објаснува воениот аналитичар од Кам бек алајв, Тарас Чмут.
Негова препорака е Западот да и помага на Украина со испраќање на поедноставни и помали системи но во поголема количина, нешто што Украина постојано го бара.
Вол стрит журнал објаснува дека наспроти тврдењата на Чмут, за сега најголем успех на украинскиот фронт покажале комплексни западни системи, а дека модели како Бредли и Абрамс се конкретно произведени за спротивставување на советските сили. Од друга страна тие се лесни мети за артилерија и мини, што се покажаа како сериозен предизвик за напредување на украинската офанзива.
ВСЖ објавува дека помалку од 5% од тенковите уништени од почетокот на војната се уништени од други тенкови, додека останатите се жртва на мини, артилерија, противтенковски проектили и дронови, што значи дека „софистицираноста на тенкот повеќе не е важна“.
Критиката што доаѓа од директорот за планирање на Германија, генерал-мајор Кристијан Фројдинг е дека западните стратези се уште немаат прифатено дека квантитетот е поважен од квалитетот.
„Ти требаат бројки. На Западот ние ја намаливме нашата војска; ги намаливме нашите залихи. Но квантитетот е важен; масовноста е важна,“ изјавил Фројдинг.
Зеленски во повеќе наврати го критикува Западот дека е бавен во испораката на оружје, а во јули германскиот институт Киел објави дека украинските сојузници имаат испорачано само половина од тешкото оружје што го имаат ветено.