
Европа дефинитивно се откажува од традиционалната политика на штедење и сериозно се посветува на одговорноста за сопствената и регионалната безбедност.
Европската комисија најави зголемување на нивото за задолжување на 150 милијарди евра, за да може да го финансира зајакнувањето на одбраната. Обврзниците ќе ѝ овозможат на Комисијата да им позајми пари на членките за да купат оружје, а тие ќе ги вратат парите кога инвестициите ќе ги стабилизираат папсаните економии.
Но, промената на политиката не се однесува само на одбраната, туку и на суштината на Европската Унија воопшто.
Експертот Гунтрам Волф го споредува потегот на Европа со напорите на поранешниот американски министер за финансии Александер Хамилтон, кој во 1790 година ги консолидираше долговите на сојузните држави во сојузни обврзници. Така ја забрза трансформацијата на САД од лабава конфедерација во национална држава со централизирани овластувања за задолжување.
Ако се случи поголема воена интеграција со поголемо заедничко финансирање, на пат сме на создавање на нова Европска Унија, вели Волф.
Уште од основањето на Унијата сите нејзини договори се насочени кон сè потесно интегрирање. Националните влади секогаш беа внимателни во предавањето овластувања на централната администрација. Задолжувањето на Комисијата досега се финансираше од буџетот на ЕУ, но со строги ограничувања.
Динамиката е овозможена од политичкиот пресврт во Германија, најголемата економија во Европа. Новиот канцелар Фридрих Мерц се откажа од традицијата на штедење и најави огромни задолжувања заради инвестиции во воените сили и одбранбената индустрија.
Со оглед на заканите за слободата и мирот на нашиот континент, сега мора да се посвети внимание на нашата одбрана, порача Мерц.
Тоа ги повлече и другите традиционални штедачи, како Холандија, па на самитот на ЕУ се очекува едногласна поддршка за нови и големи вложувања во вооружување.
Основното прашање на кое треба да дадеме одговор е дали Европа е спремна да дејствува решително, како што диктира ситуацијата. Дали Европа е спремна и способна да дејствува со потребната брзина и амбиција. Ова е моментот, а ние сме спремни да направиме чекори, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.
Европа го зголеми заедничкиот долг и во времето на пандемијата на ковид, заради поддршка на европските стопанства, но тогаш се преговараше со месеци. Разликата е и тоа што пандемијата се сметаше за исклучок, а вооружувањето ќе биде долгорочно правило.
Идејата за зголемување на долгот сега е политички прифатлива за Европската Унија. Кога еднаш духот ќе излезе од шишето, тешко е да го вратите назад, забележува Јан Бег од Лондонскиот факултет за економија.