Еуроњуз во посета на еден од бегалските кампови разговара со Ирачанецот Хевал Арам кој со своето семејство 12 денови патувал до Германија. Неговата порака е "се надевам дека никој од таму нема да го напушти домот за да дојде тука."
Дојче Веле разговара со друг бегалец кој се жали на спората германска бирократија, дека по 5 месеци престој уште нема добиено дозвола за престој, заради што само дреме во кампот и не може ништо да работи, плус не може да го повлече семејството.
Хамид Махид кој закажува аранжмани за Ираки ервејс, во разговор со Дојче Веле кажува дека од октомври само тој помогнал околу 50 бегалци неделно да се вратат во Ирак, во јануари бројката била два пати поголема.
Германците се вадат на тоа дека минатата година во земјата им пристигнаа околу 1 милион бегалци што комплетно им го блокираше системот.
Ирачките бегалци како главни причини за враќање дома ги наведуваат премногу скапата храна во однос парите што ги добиваат како помош од Германија и спорите процедури за азил. Еден дел сега доаѓаат до заклучок дека културата во Германија е премногу различна од онаа кај нив дома, и дека веројатно нема да можат да се навикнат на тоа.
Абдула Алсоан е 51-годишен Сириец, кој во Германија е дојден да се лекува од дијабетес. Со вакво резиме, Алсоан едвај чека да добие нов пасош за да се врати назад во Сирија. Алсоан се пишманил околу германскиот сон кога на улица видел двајца тинејџери како се бакнуваат, по што сфаќа дека Германија не е земјата во која ќе може да ги одгледува своите две ќерки. По математиката на Алсоан, за него е полесно ќерките да му растат во денешна Сирија отколку во денешна Германија.
Во интервју за Вол Стрит Журнал, Алсоан објаснува: "Не е проблемот во Германците или Германија, луѓето се многу фини, меѓутоа тие имаат нивен начин на живеење, а ние имаме наш."
Според извештаите на Дојче Веле, ирачката амбасада во Германија има издадено 1.500 пасоши на луѓе кои сакаат да се вратат дома. Пасошите се за една употреба, и им дозволува на сопствениците да летаат само до Ирак.