За Техеран, Трамп и Бајден се Курто и Мурто

Кога Доналд Трамп еднострано го откажа договорот со Иран и на таа земја ѝ зачука нови санкции, неговите политички противници тоа бучно и едногласно го оценија како опасен, погрешен и безумен потег на лудиот американски претседател. Нормалниот Бајден сега вели дека нема да ги дигне санкциите.

„САД не планираат да ги дигнат економските санкции кон Иран за да го вратат Техеран на преговарачката маса“, порача новиот американски претседател Џо Бајден.

Како и во секое помирување кое не сакаш да успее, и Бајден има услов другата страна прва да стори нешто (иако твојата страна била онаа која го прекршила договорот). Тој порачува дека Иран мора да престане со збогатување на ураниумот пред Вашингтон да размисли за промена на политиката.

Според договорот кој го постигна Обама во 2015 а го раскина Трамп во 2018 година, на Иран му беше дозволено ограничено да збогатува ураниум за свои енергетски потреби, за што во возврат доби олабавување на економските стеги.

Откако нуклеарниот договор беше унилатерално раскинат, Иран не криеше дека продолжува со збогатувањето на ураниумот па минатиот месец соопшти дека дошле до 20%, што е далеку над 3,67% колку што беше плафонот одреден со договорот.

Иако високи, иранските проценти не се апокалиптични: ураниумот кој може да се користи за оружје треба да биде збогатен околу 90%.

„Ако САД сакаат Иран да им се врати на своите обврски, прво треба да ги укинат санкциите, ние тоа да го верификуваме па потоа да им се вратиме на обврските,“ порача ајатолахот Али Камнеи.

По декемвриското убиство на иранскиот научник кој беш прв човек на нивниот нуклеарен програм (за што Техеран ги обвини американско-изралските тајни служби), државата донесе забрана за влез на странски инспектори во земјата.

***********

Види и:

Иран ги забрани западните вакцини

9 февруари 2021 - 13:55