
Согласно наредбата на Трамп за искоренување на „политичката пристрасност“ во државната администрација, Советот на главни службеници за човечки капитал дал директива да се побара од кандидатите за федерална служба да објаснат како би помогнале за спроведување на специфични наредби или иницијативи на претседателот.
Како од оваа позиција би помогнале за унапредување на извршните наредби на претседателот и неговите политичките приоритети? Идентификувајте една или две релевантни извршни наредби или политички иницијативи што се значајни за вас и објаснете како би помогнале за нивното спроведување доколку бидете вработени, е едно од прашањата.
Критичарите тврдат дека новите прашања претставуваат политички филтер и тест за лојалност, иако службата по дефиниција е непартиска.
Тие прават историска паралела со ерата на Макарти од педесеттите години на минатиот век, кога во кампањата за „искоренување на комунистите“ се вршеше притисок врз јавните службеници да ја докажат својата лојалност кон владата на САД. Основи за истраги тогаш често пати беа лични убедувања, а не постапки, што резултираше со масовни отпуштања, ставање на црни листи и засилен надзор.
Ангажманот во федералната администрација на САД е дефиниран како служба на Уставот и на јавноста, а не на носители на функции. Од државните службеници се бара да дадат заклетва дека ќе го почитуваат Уставот, со цел да се направи разлика од монархистичките или авторитарните системи.