
Обврската кон нацијата е повисока од религиската определба, пресудил Управниот суд, отфрлајќи ја жалбата на 24-годишниот маж, роден во Украина и израснат во Австрија.
Тој требало да добие австриски пасош лани на свечена церемонија во округот Баден во Долна Австрија, но одбил да ја испее националната химна. Владата на федералната држава веднаш му го одзела државјанството.
Според законите, пеењето на химната е задолжително кога се видливо присутни знамињата на Република Австрија и на федералната држава. Исклучоци се прифатливи само во специфични околности, на пример, во случај на глуви лица.
Украинецот се жалел дека како следбеник на Јеховините сведоци не може да се обврзе на национална гордост и да ги испее завршните стихови: „...Дозволи ни братски здружени да ти се заколнеме на верност, наша татковино, наша сакана Австрија, наша сакана Австрија!“.
Тој исто така, смета дека пеењето на државна химна е „идолопоклонство, јасно осудено во Библијата“, според толкувањата на јеховините сведоци. Истакнал дека не би пеел ниту една химна, ни на неговата родна Украина.
Дали некој со ваков став може да биде позитивно расположен кон Република Австрија? Не може да се исклучи дека лицето може да претставува закана за јавниот мир, редот и безбедноста, додава Управниот суд.
Политичарите ја поддржаа судската одлука.
Нашето државјанство мора да се заработи; тоа е кулминација на успешен процес на интеграција. Ова вклучува почитување на нашата култура, закони, вредности и симболи. Секој што одбива да ја пее нашата химна покажува дека не е подготвен да го даде својот целосен придонес. Затоа, оваа пресуда е и порака до сите што одбиваат интеграција и сакаат да се населат во нашата татковина, изјави Матијас Заунер од VPNÖ.
******
Види и: Малку е селачки да не можеш да навикнеш на химна