По ново федералната полиција ќе смее да ги апси оние што ќе направат кривично дело за време на протестите, и ќе може „да делува во јавниот превоз“ за да запленува „протестни материјали, како палки“ и за да испитува граѓани со качулки или оние што учествуваат на протести „а се обидуваат да не бидат препознатливи“.
Една од позначајните новости е што ќе се направи регистар на организации кои „поттикнуваат“ протести и ним ќе им биде испратена сметка за трошоците за контролирање на овие протести.
„Државата нема да плати за користењето на безбедносните сили. Организациите со правен статус или поединци ќе ја платат таа сметка,“ изјавила новата аргентинска министерка за безбедност.
Сите странци што ќе бидат затекнати на протести ќе бидат пријавени на имиграциските служби.
Ветувањето на новата министерка за безбедност е дека ќе воведат „ред во земјата за луѓето да можат да живеат во мир“. Една од главните организациски промени меѓу мерките е дека четири рода на безбедносните сили (федерална полиција, жандармерија, крајбрежна и аеродромска безбедност) ќе бидат ставени директно под министерството за безбедност.
Една од поважните цели на новите правила е да се обезбеди циркулација, односно да се ослободат градските улици и патишта, и тоа да се направи со „минимална потребна сила.“ Пораката на министерката Патриција Булрич е дека ако некој сака да демонстрира тоа може да го прави на тротоар, а не да блокира улици или патишта.
„Не се работи за идеологија, се работи за еднаш за секогаш да се разбере дека државата мора да живее во ред и мир,“ порачала Булрич.
Промената на правилата за демонстрирање се случува во исто време со одлуката на новата аргентинска влада за девалвирање на националната валута од 400 на 800 пезоси за 1 американски долар.