Истрага на „Телеграф“ откри дека 39 државни службеници од повеќе министерства и владини агенции учествувале во шемата која почнала во 2018 година. Во текстовите што им биле објавени - главно статистички анализи - биле наведени како членови на редакциите за вести и за проверка на факти.
Статистичарите никогаш не донесуваат уреднички одлуки, но ББЦ исклучително сериозно ја сфаќа независноста и транспарентноста и мораме да се погрижиме да ги исполниме највисоките стандарди, призна државниот радиодифузер во неделата.
Во текот на изминатите осум години, преку оваа шема за распоредување, вкупно 39 службеници добиле ангажман во траење од три или шест месеци. Пред да ја стопира, ББЦ планирал во 2027 година да ангажира уште четворица. Во огласот за работа, кој беше затворен во петокот, беше истакнато дека „примените кандидати ќе имаат можност да влијаат врз донесувањето одлуки, работејќи со кредибилитет и проактивно со клиентите за споделување знаење и информации“.
Со шемата управувала Владината статистичка служба, а во неа биле вклучени и службеници од Управата за даноци и царини, министерствата за внатрешни работи, за правда, за трговија, за труд и други владини ресори. Написите што досега ги изработиле овие службеници опфаќаат и важни теми за јавноста, како анализа на падот на стапката на насилен криминал во Англија и Велс или истражување за влијанието на ковид врз очекуваниот животен век.
Еден од службениците изјавил дека веднаш по пристигнувањето во редакцијата му побарале да напише текст за годишните статистички податоци за населението и миграцијата.
Дени Коен, поранешен директор на телевизијата на ББЦ изјави дека скандалот е „уште еден од низата докази дека раководството на радиодифузерот нема контрола врз редакцијата“.
Пропустите се таложат. Се прашувам дали некој од раководните лица во ББЦ ќе има храброст да признае дека корпорацијата има сериозен проблем со непристрасноста. Сè додека не го сторат тоа, проблемите само ќе се влошуваат и долгорочно ќе биде загрозен угледот на ББЦ, изјави Коен.
Владата е во фаза на финализирање на предлозите за идната „кралска повелба“ со која се утврдува начинот на финансирање, регулирање и управување со јавниот сервис, почнувајќи од 2028 година.
Министерката за култура Лиса Ненди разгледува предлози претплатата за ББЦ да се прошири со услугите за онлајн стриминг, со цел да се зголемат приходите на јавниот сервис.
******
Види и: ББЦ ќе учи да биде непристрасна