
Полскиот претседател ја повика Украина да ја признае, како што ја нарече, срамната вистина за тоа како украинските националисти масакрираа над 100.000 Полјаци за време на Втората светска војна.
Забелешките на Анджеј Дуда беа упатени на 79-годишнината од убиствата во Волиња, Полска, тогаш окупирана од нацистите. Ова одекна како непријатен потсетник на комплицираните историски врски меѓу Варшава и Киев, сега зближени поради руската инвазија на Украина.
Полска ги отвори вратите за украинските бегалци а Дуда дозволи неговата земја да се користи како логистички центар за снабдување на Украина со воена и цивилна помош, но, според Дуда, без оглед на сегашните околности, воените масакри и други злосторства во Источна Галиција од 1944-1945 година мора да бидат „цврсто и јасно признати“.
Полскиот претседател го повика Киев и да го признае етничкото чистење на Полјаците од украински националистички милиции.
„Не се работи за одмазда или какво било порамнување на сметките но е вистинско време некои работи да се средат,“ оценува Дуда.
Ова прашањето е страшно незгодно за Украинците кои истите милиции ги слават како херои на отпорот против Советскиот Сојуз и како симболи на борбата за независност од Москва. Кругови во Киев воопшто не се задоволни од тајмингот на ваквите забелешки бидејќи одат во прилог на рускиот наратив за потребата од де-нацификација на Украина.
Полскиот парламент има изгласано став дека убиствата меѓу 1943 и 1945, вршени од украинските националисти предводени од Степан Бандера кој во Украина отворено се слави како херој, имаат карактеристики на геноцид, но Украина се држи до оценката дека во настаните како оној во Волиња имало страдања за двете страни.