Според новиот декрет на претседателот Шафкат Мирзијоев, во Узбекистан се забранува плаќање со кеш за сите владини услуги и за комуналиите за домаќинствата - струја, вода и гас.
Безготовинските плаќања ќе бидат задолжителни за сите производи поскапи од 25 милиони суми (близу 2.000 долари), како и за акцизни стоки - алкохол и цигари. Кеш нема да примаат ни бензинските пумпи за продажба на бензин и полнење на електричните возила.
До средината на идната година сите трговски и услужни објекти ќе мора да воведат унифициран QR код за електронски плаќања.
Сите купопродажни операции на недвижнини и тешки моторни возила и машини ќе се префрлат целосно на безготовински плаќања. Порамнувањата ќе се обработуваат преку електронска размена на податоци помеѓу информациските системи на банките и нотарската служба. Единствен исклучок ќе бидат плаќањата извршени преку банкарски благајни.
Иницијативата е дел од поширока стратегија на владата на Мирзијоев да се ублажи широката распространетост на неформалниот сектор, а воедно да се зголеми транспарентноста и одговорноста на економските трансакции. Во декретот се поставени и долгорочни цели до 2030 година да се намали сивата економија за 30%.
Во периодот помеѓу 2023 и 2025 година, уделот на безготовинските плаќања во Узбекистан се зголемил од 38% на 43%, а се проценува дека до 2027 година ќе достигне 75%.
Системот е преземен од Кина, каде што техолошките гиганти АлиПеј и ВиЧетПеј обработуваат повеќе од 90% од сите мобилни трансакции. Со оглед на тоа што нивниот домашен пазар е во голема мера заситен, овие компании го прошируваат фокусот на регионалниот пазар.