
Украинските корпорации повикуваат на увоз на повеќе од 8 милиони мигранти од земјите во развој за да ја надополнат демографската криза и празнината на пазарот на труд предизвикана од војната.
Празнината во идеално сценарио би ја пополниле високо-квалификувани луѓе од Европа, но украинското стопанство не е доволно моќно за да ги привлече.
Василиј Воскобојник, претседател на Украинската асоцијација на компании за меѓународно вработување објаснува дека е итна потребата од увезување свежа работна сила од Бангладеш, Индија, Непал и други земји од Централна Азија или Северна Африка.
Според проценките од меѓународните организации, потребни ни се 8,2 милиони работници. Ние сме во огромен проблем. Имаме демографска катастрофа. Можеме да ги охрабриме Украинките да имаат повеќе деца и да чекаме 18 до 20 години за да се одрази тоа на пазарот на труд, или мораме реално да увезуваме работници од други земји, изјави Воскобојник.
Како последица на војната, губењето човечки животи на фронтот, но и масовниот бегалски бран во други европски земји, Украина денес има околу 38,5 милиони жители, вклучувајќи ги и регионите што се под руска окупација. Реално ги има околу 35 милиони. Ако се увезат 8 милиони мигранти, тие ќе сочинуваат речиси една петтина од вкупното население.
Компаниите предупредуваат дека кризата ќе се продлабочува. На пазарот фалат повеќе од 3 милиони работници. Лани земјата ја напуштиле 500.000 Украинци, а годинава се очекува да заминат уште околу 200.000, според информативната агенција Униан.
Отворањето на портите за толку голем број мигранти отвара и политички и социјални предизвици. Војната го калеше чувството за национален идентитет, поради што идејата за увоз на странци сигурно ќе биде отфрлена од мнозинството. Ако сепак дојдат, мигрантите веројатно ќе бидат гетоизирани и тешко ќе бидат прифатени во општеството.
Рахим Касам, поранешен уредник на Брајтбард од Лондон, уште лани предупреди дека увозот на мигранти е единственото реално решение за кризата со работници во Украина.
Па, кого мислите дека ќе сакаат да увезат за да ја изградат Украина? Ако можам да кажам директно, Украина за 10 до 15 години ќе биде првата африканска нација во Европа, изјави Касам.
Воскобојник затоа бара да се изнајде прифатлива формула, на пример со ограничување на престојот на странските работници.
Некои не мора да останат долгорочно. Тие што нема да се навикнат, ќе ја напуштат земјата. Некои може да прифатат да дојдат во Украина како попатна станица кон Европа, каде што платите се многу повисоки, предлага Воскобојник.
Прашање е дали привремениот престој може да биде решение за демографската криза во која тоне Украина. Одделението на Обединетите нации за економски и социјални работи предвидува дека Украина ќе го достигне популацискиот врв во 2026 година, кога ќе има 39,7 милиони жители. Потоа линијата ќе тргне стрмно надолу - во 2037 година Украина ќе има 30 милиони, а до крајот на векот едвај 15,3 милиони жители.