Украина нема пари за голема армија

Кога војната со Русија конечно ќе заврши, Украина ќе остане со повеќе војници од нејзините европски сојузници. За одржување таква армија нема пари, без оглед дали со мировниот договор ќе биде ограничена на 800.000 војници, како што сака Киев, или на 600.000, како што бара Москва. Новата стратегија ќе мора да се базира на резервисти и домашно оружје.

Војниците регрутирани на фронтот ќе сакаат да се демобилизираат, но бездруго ќе мора да бидат отпишани од платниот список, бидејќи државата нема пари. Финансирањето на голема војска, каква што е украинската, е особено скапо. Украина троши околу 30% од својот БДП за одбрана, дури и кога сојузниците ги покриваат дупките во буџетот. За споредба, Русија издвојува за одбрана 7,3% од својот БДП. 

Европа, САД и други земји веќе потрошија околу 350 милијарди долари за воените и јавните услуги на Украина, според Килскиот институт за светска економија. САД го прекинаа финансирањето, а европските земји немаат многу пари и не се подготвени долго да го финансираат Киев по завршувањето на војната. Европските лидери неодамна се обврзаа да ѝ позајмат на Украина 90 милијарди евра за основните државни трошоци, меѓу кои се и платите на војниците и одржувањето на одбраната.

Заемот би бил само краткорочен поттик, приближно еквивалентен на очекуваните одбранбени трошоци на Берлин за следната година. Иако платите и другите трошоци се повисоки во Германија, таа има околу една четвртина од сегашниот персонал на Украина.

Британија, која често се смета дека ја има најмоќната војска во Западна Европа, има само 147.000 активни членови и 32.000 резервисти. САД, најголемата економија во светот, има 1,3 милиони активни војници.

Пред руската инвазија Украина имала помалку од 300.000 војници, што се покажа недоволно за да се заштити источната граница. 

Одржувањето на голема армија би оттргнало 800.000 луѓе од невоената економија на Украина во време на опаѓање на населението. Киев треба да се стреми кон 300.000 до 500.000 војници, а преостанатиот број да бидат резервисти, вели Микола Бјељесков од украинскиот Национален институт за стратешки студии.

Од скапите оружја, приоритет треба да бидат само системите за противвоздушна одбрана. 

Украинската војска ќе мора да се базира на поекономични капацитети, како беспилотни летала или мини, и на резервен состав на армијата. Скапите авиони лесно можат да потрошат голем дел од буџетот за одбрана, вели Мајкл Кофман, воен експерт во Карнегиевата фондација за меѓународен мир. 

Министерството за одбрана во март објави документ во кој се предвидува засилена употреба на беспилотни копнени возила и летечки дронови. Поранешниот министер за одбрана Андриј Загородњук укажува дека луѓето постепено ќе бидат исфрлени од бојното поле. Се планира и засилено домашно производство. Владата во октомври истакна дека над 40% од оружјето што се користи на фронтовската линија е произведено во Украина.

31 декември 2025 - 12:10