Украина дреме во ред за обука на пилоти за Ф-16

Киев се повеќе се фрустрира од ограничениот американски капацитет за обука на пилоти. Американците пак објаснуваат дека имаат и други муштерии.

Украинските функционери вршат притисок за зголемување на бројот на пилоти кои се на обука за Ф-16, жалејќи се дека сегашното темпо не создава доволно пилоти за летање на авионите кои наскоро ќе стигнат во Киев.

Земјата има 30 пилоти кои веднаш се подготвени да почнат со обука во САД, меѓутоа од американската администрација добиле информација дека обуката во Аризона не може да прими повеќе од 12 пилоти на обука, додека слични проблеми има и во другите два центри во Данска и Романија.

Освен ограниченото место, американските власти им објасниле на Украинците дека има и други држави чии пилоти чекаат на обука во базите и не можат да го прекршат ветувањето кон овие нации.

Планот е обуката на 12 украински пилоти во Аризона да биде готова до крајот на септември, а уште 8 треба да се обучуваат во Данска, и со тоа ќе се исполни таргетот (на Западот) за 20 обучени пилоти до крајот на годинава.

Ова е само половина од 40-те потребни пилоти за управување со полна ескадрила од 20 авиони. Процената е дека Украина некаде кон крајот на 2025 ќе има доволно пилоти за да ги покрие сите авиони.

Украина уште од почетокот на војната и бара авиони на Америка, меѓутоа постојано беше одбивана од администрацијата на Бајден. Дури и откако во мај 2023 САД им дозволија на своите сојузници да му дадат авиони на Киев, минаа повеќе месеци пред тие да се договорат и согласат кој колку ќе испорача. Иако Украина очекува дека Ф-16ките ќе помогнат да се одбијат руските сили на фронтот, САД сметаат дека тие нема да доведат до некоја клучна промена.

7 јуни 2024 - 14:49