Атентатот е дел од споредната војна што украинските разузнавачки служби ја водат против Русија, која освен убиства опфаќа и две експлозии на мостот што го поврзува Крим со Русија, дронот што удри во кровот на Кремљ и нападот на руските бродови во Црно море.
Иако прв пат се употребуваат дури по руската инвазија, според Пост се работи за вештини и мерки кои украинските разузнавачи ги учат и развиваат речиси цела деценија по руската анексија на Крим, „при што создаваат длабоки нови врски со ЦИА“.
Украински и американски функционери за Пост изјавуваат дека од 2015 ЦИА има потрошено десетици милиони долари за трансформирање на украинските тајни служби со советско потекло „во свои моќни сојузници против Москва“. Освен обуката Украинците добиваат и модерна опрема за надзор, ЦИА ја плаќа изградбата и на објектите на разните разузнавачки агенции и споделува информации со нив на драстично повисоко ниво од што било дотогаш.
Притоа ЦИА сака да нагласи дека нивната работа исклучиво е фокусирана на засилување на капацитетите на сите овие служби за собирање на разузнавачки информации за Русија, но не и во операциите за елиминирање спроведени од украинското разузнавање.
Пост тврди дека токму украинските ликвидации ја искомпликувале соработката меѓу ЦИА и украинските разузнавачи.
Убиството на Дарја е критикувано и од украинска страна, по основа дека службите имаат многу поважни мети како „луѓето што лансираат ракети, луѓето што извршија злосторства во Буча“, отколку ќерката на про-воен агитатор.
Проблем со сегашната агенда на украинското разузнавање имаат и западни функционери според кои СБУ и ГУР почнуваат да наликуваат на израелски Мосад во 1970-те, што без разлика колку е корисно денес во иднина може да стане проблематично за Украина и нејзините долгорочни цели, како членство во НАТО и ЕУ.
Меѓусебната разбирачка што Украинците и ЦИА успеваат да ја постигнат околу сето ова е дека американското разузнавање смее да приложи забелешка околу некоја операција за која дознало (како што беше со експлозијата на Кримскиот мост), но од друга страна Украина и не мора баш за сите операции да ги известува партнерите од САД.
Како дел од трансформацијата што ја спроведуваат, стравувајќи дека нема да можат да ги искоренат сите неподобни од разузнавачките агенции што ги наследија од СССР, ЦИА и Украинците во рамките на СБУ ја основаат сосема нова Петта управа, која е целосно одделна од четирите единици кои до тогаш делуваат во нејзини рамки. Од пред некое време е воведена и шеста управа која работи со британската МИ6.
Центрите за обука за овие единици се лоцирани вон Киев, каде избрани регрути се обучуваат од инструктори на ЦИА. Целта е да се формираат единици „способни за оперирање зад непријателските линии и кои можат прикриено да работат.“ Целата опрема со која тие работат е снабдена од ЦИА.
Меѓу првите мисии на новите единици се операции за саботажа и заробување на руските сепаратистички лидери, кои подоцна се однесени во притвор на непознати локации. Мисиите за заробување за кратко време ескалираат во операции за ликвидирање па во рок од три години се елиминирани повеќе руски оперативци, високи команданти на сепаратистите и соработници, „што најчесто беше припишувано на внатрешни судири но во реалноста беше дело на СБУ.“ Меѓу убиените е паравоениот лидер од источна Украина, Јевгениј Жилин, кој во 2016 беше ликвидиран во ресторан во Москва, а една година подоцна во Донетск беше убиен командантот Гиви.
И покрај соработката со СБУ, ЦИА повеќе се наклонува кон работа со далеку помалото украинско воено разузнавање раководено од ГУР, кое брои помалку од 5.000 вработени и има помлада работна сила со помалку „остатоци“ од советско време. Објаснувањето на американски функционери кои работеле во Украина е и дека СБУ била преголема за да се реформира.
Стравот на ЦИА околу СБУ беше потврден и минатата година кога тогашниот директор беше сменет затоа што агенцијата не била доволно агресивна во борбата против внатрешните предавници, а беше откриено и дека низ целата компјутерска мрежа на агенцијата се користат модеми од руско производство по што започна пребарување и нивна замена.
Опремата за електронско следење што ЦИА му ја предава на ГУР има капацитет за пресретнување на 250 до 300 илјади одделни комуникации на ден меѓу руската војска или едниците на ФСБ на украинска територија. Украинците објаснуваат дека собираат толку многу информации што самите не можат да ги обработат. Како дел од соработката ГУР се обврзува дека сите пресретнати информации ќе ги сподели со ЦИА, каде тие ќе бидат анализирани од нивни луѓе.
Капацитетите што ги развиваат им помагаат и на СБУ и ГУР да елиминираат неколку високи руски команданти по почетокот на војната, и за малку да го утнат првиот човек на рускиот генерал-штаб Валериј Герасимов.
Без разлика на сите ликвидации што ги имаат извршено, главна мета на СБУ останува мостот на Крим кој го поврзува полуостровот со Русија. Освен симболичката важност, тој е и клучен коридор за снабдување на руските линии во Украина.
До сега се извршени два успешни напади врз мостот, од кои првиот, во октомври 2022, целосно ја запре работата на една од лентите. По првичното отфрлање на секаква одговорност, директорот на СБУ, Васил Малиук, детално ја раскажа целата операција објаснувајќи дека на крај таа зависела од лековерноста на „обичните руски шверцери.“
Еден од атентатите што го изведува ГУР е врз поранешниот командант на руска подморница, Станислав Ржитски, кого Украинците го обвинуваат за ракетирање на цели во Украина. Тој е убиен во Краснодар со четири куршуми во гради и во грб, откако е откриен на апликацијата Страва каде редовно ја објавува својата рута за трчање.
Тоа што Украинците и понатаму го отфрлаат е каква било вклученост во нападот на Северен тек 2, иако американски и западни агенции ја поврзуваат Украина со операцијата.
Она од што стравуваат украински функционери е дека операциите на СБУ и ГУР, како атентати или напади со дронови на згради во Москва, ниту помагаат во војната против Русија, ниту се во корист на аспирациите на Украина, туку повеќе го хранат наративот што го шири Путин дека Украина претставува опасност за обичниот Русин.
Ако елиминациите на руски команданти и генерали може да се оправда, убиството на Дугина и понатаму останува еден од екстремните примери за смртоносна одмазда, во која не само што загина цивил, туку беше извршено од Украинка и 12-годишно дете несвесно за целата ситуација. Украинските извори на Пост објаснуваат дека и покрај негирањето операцијата е извршена од СБУ, и дека иако не била главна цел, ќерката на Дугин, која исто така ја поддржува инвазијата, не била невина жртва.