Се работи за турбина која е клучна за функционирањето на Северен тек 1, која Русите ја наведуваат како главна причина за намалениот доток на гас (само 40% од капацитетот) што стигнува до Германија.
По неизбежното пркосење, сега Ројтерс објавува дека Германија успеала да ја убеди Канада да им ја врати турбината на Русите, и тоа за време на закажаното одржување на гасоводот кога Северен тек 1 ќе биде целосно изгасен.
Наводно планот е Канада да и ја испорача турбината на Германија, а потоа Германија да му ја префрли на Газпром, и на тој начин Канада да остане чиста дека не ги прекршила санкциите.
Канадски функционери тврдат дека Русија има уште една турбина која може да ја стави во погон ама ја користи турбината во сервисот во Канада како изговор за вршење дополнителен економски притисок врз Европа. Кратењето на дотокот на гас сериозно го загрозува полнењето на европските резерви со гас на нивото неопходно за покривање на зимската потрошувачка.
Откако беше објавена веста, од Кремљ порачаа дека испораката на гас преку Северен тек 1 ќе се зголеми штом турбината ќе биде вратена.
Од друга страна Украина и украинската дијаспора во Канада врши притисок врз тамошната власт да остане целосно посветена на санкциите и да не прави исклучок за турбината за Северен тек.