Пактот кој се смета за најголемо одбранбено партнерство меѓу овие држави во изминативе децении, ќе опфаќа соработка на теми како вештачка интелигенција, сајбер и квантни технологии. Освен тоа ќе и дозволи на Австралија за прв пат да може да гради сопствени нуклеарни подморници со помош на американска технологија.
Ветувањето на лидерите на трите држави е дека целта на новото партнерство е да „промовира безбедност и просперитет“ во индо-пацифичкиот регион.
Станува збор за најголемиот воен пакт меѓу трите држави од Втората светска војна, кои иако и претходно беа сојузници сега значително ја продлабочуваат својата соработка.
АУКУС ќе биде одделен од проектот Пет очи, во кој учествуваат и Нов Зеланд и Канада, и чија цел е размена на разузнавачки податоци.
Освен профитот за воената индустрија, причината за безбедносното збратимување на трите држави е воениот напредок и сила што Кина почна да го покажува изминатиов период, посебно на тема Тајван, кој Кина и понатаму го смета за своја сопственост, а САД, Австралија и Британија (од преку пола планета) сметаат дека е во нивен интерес да го одбранат.
Што е со профитот? При потпишување на пактот, Австралија најави дека ќе го откаже 90 милијарди долари тешкиот договор со Франција за набавка на нови подморници, кои сега ќе дојдат од САД.
Откако денот им почна со неочекуван дефицит од 90 милијарди долари, министерствата за надворешни работи и за одбрана на Франција, порачаа:
„Американскиот избор да исклучат европски сојузник и партнер како што е Франција во изградба на партнерство со Австралија кога сите се соочуваме со извонредни предизвици во индо-пацификот... покажува недостаток на кохерентност која Франција може само да ја забележи и да изрази жалење.
Одлуката која само што беше објавена во однос на австралиската ФСП (Future Submarine Program) само ја засилува потребата уште појасно и погласно да се актуелизира прашањето за европска стратешка автономија.“
Нуклеарните подморници се далеку побрзи и потешки за откривање отколку конвенционалните, а за САД и неговото влијание во регионот е од исклучителна важност во близина на Австралија да има закотвено нуклеарни подморници. Ова ќе биде прв пат во 50 години САД да ја сподели својата подморничка технологија. Со новите подморници Австралија ќе стане само 7 држава во светот која поседува нуклеарни подморници, останатите шест се САД, Британија, Франција, Кина, Индија и Русија.
Во меѓувреме Нов Зеланд најави дека ќе забрани влез на австралиските подморници во нивните територијални води, во согласност со постојната политика на земјата околу присуство на нуклеарни подморници.