Рубини во својата нова книга зборува за „десет мега-закани“ кои ја загрозуваат иднината на планетата.
„Заканите за кои зборувам се многу реални - никој не може тоа да го негира. Јас пораснав во Италија во 1960-те и 1970-те. Во тоа време, никогаш не сум плашел од војна меѓу големите сили или за нуклеарна зима, бидејќи имавме детант меѓу СССР и Западот.
Никогаш немав чуено за зборови како климатски промени или глобална пандемија. И никој не се грижеше дека роботите ќе ни ги земат работните места. Имавме послободна трговија и глобализација, живеевме во стабилни демократии, дури и да не беа совршени. Долгот беше многу низок, населението не беше престаро, немаше проблеми со пензиите или здравствениот систем.
Тоа е светот во кој пораснав. А сега треба да се грижам за сите овие работи, а треба и сите други,“ изјавува Рубини.
Тој ја пренесува изјавата на економскиот историчар Ниал Фергусон кој во говор во ММФ во Вашингтон, порачува дека би биле среќни да имаме економска криза како во 1970, а не војна како во 1940-те.
„Советниците за национална безбедност беа загрижени дека НАТО ќе се вмеша во војна меѓу Русија и Украина, и дека Иран и Израел се движат кон меѓусебен судир.
Баш утрово читам дека администрацијата на Бајден очекува дека Кина за скоро време ќе го нападне Тајван.
Искрено, Третата светска војна веќе е почната, со сигурност во Украина и во сајбер-просторот,“ објаснува професорот по економија од Универзитетот во Њујорк.
За него, еврозоната веќе е во рецесија која ќе трае и ќе биде болна, додека во Британија ситуацијата е дури и полоша.
Заканата од климатските промени Рубини ја опишува со случувањата во САД каде летово се случуваат такви суши што во близина на Лас Вегас во пресушените езера почнуваат да излегуваат лешовите на убиените гангстери од 1950:
„Во Калифорнија земјоделците сега ги продаваат своите права за вода бидејќи тие се попрофитабилни отколку да одгледуваш што било. Во Флорида не можеш да добиеш осигурување за куќи што се на брегот. Половина од Американците на крај ќе мора да се преселат на Средниот Запад или Канада. И ова е наука а не шпекулација.“
Меѓу мега-заканите за кои зборува Рубини е и притисокот што САД го врши врз Европа да ја ограничи соработката со Кина, како не би се загрозило американското воено присуство на континентот. Така по американската забрана за извоз на компоненти и опрема за правење микрочипови на Кина, Европа ќе мора да застане зад САД и спроти својата волја да го испочитува нивното барање.
Шпигел го прашува Рубини и за неговото мислење околу можната продажба на пристаништето во Хамбург на кинеската Коско. Олеснително во целата работа според Рубини е што Кина никогаш нема да истовари воени сили во Хамбург, но и дека зделката има смисла само ако пристаништето се употреби како противтежа во моментот кога Кина ќе реши да ги заплени европските фабрики на своја територија.
Неговиот страв е и од кинеската упорност во ширење на 5Г технологијата низ светот која подоцна ќе може да се користи за шпионирање. Тој разговара со претседател на една африканска држава, кого го прашува зошто ставиле 5Г од Кина а не од Западот:
„Тој ми одговори, ние сме мала држава, па некој секако ќе не шпионира. Во таква ситуација, зошто да не користам кинеска технологија, и онака е поевтина.“
И Рубини чувствува дека кризата од 1970 била далеку полесна отколку тоа што денес се случува.
„Во тоа време немаме толкав јавен и приватен долг како денес. Ако централните банки кренат каматни стапки за да се борат со инфлација, тоа ќе доведе до банкрот на бројни ’зомби’ компании, сомнителни банки и владини институции.
Освен тоа нафтената криза беше предизвикана од неколку геополитички шокови, денес ги има повеќе.
Само замисли го влијанието што ќе го има кинескиот напад на Тајван, кој произведува 50% од сите микрочипови во светот, и 80% од сите висококвалитетни. Тоа ќе биде глобален шок. Денес зависиме повеќе од микрочипови отколку од нафта,“ порачува Рубини.
Продолжувајќи со песимизмот, Рубини нема ништо позитивно да каже ни за централните банки, кои според него ќе заглават во проблеми без разлика во кој правец тргнат. Бидејќи или ќе ги кренат значително каматните стапки и ќе се случи крах на реалната економија и финансиските пазари; или ќе уцвикаат „како британската централна банка“ и нема да ги кренат каматните стапки па инфлацијата ќе продолжи да расте.
Рубини е отворено загрижен за опстанокот на демократијата бидејќи таа е крајно фрагилна кога се случуваат големо шокови.
„Секогаш има некој мачо маж кој ќе каже ’јас ќе ја спасам државата’ и кој за сè ќе ги обвини странците. Тоа Путин го направи во Украина. Ердоган би можел да го направи истото со Грција следната година и да проба да создаде криза бидејќи инаку би ги изгубил изборите. Ако Доналд Трамп се кандидира и загуби, тој овој пат би можел отворено да ги повика белите расисти да упаднат во Капитол.
Би можеле во САД да видиме насилство и вистинска граѓанска војна. Во Германија, работите сега изгледаат добро. Меѓутоа што ќе се случи ако работите економски тргнат во лош правец и луѓето повеќе почнат да гласаат за десничарската опозиција?“ изјавува професорот.