Трамп е во дебел минус со женски гласови (на 64% им е одбивен), особено со гласовите на белите жените од предградијата, група која би можела да се покаже како критична на следните избори. За бељата да биде поголема, во спротивниот табор на демократите, рекорден број кандидатки се вклучуваат во изборните процеси, и како учесници и како гласачи.
Две истражувања на Аксиос покажуваат дека иако се знае дека е многу неверојатно да се појават на следната претседателска трка, Опра Винфри и Мишел Обама изборно би го здробиле актуелниот станар на Белата куќа. Обете му водат со двоцифрена разлика.
Пореалните но и помалку познати противкандидатки како што се Камала Харис, Ејми Клобучар и Кирстен Гилибранд исто така би го победиле Трамп доколку денес би се одржувале избори. Скорот е таков иако добар дел од електоратот признава дека воопшто не слушнал за нив.
Денешен дуел меѓу Трамп и Хилари би завршил исто како оној во 2016 а најблиску до него е Елизабет Ворен која не треба предвреме да се отпишува бидејќи обелоденувајќи го својот ДНК извештај, веќе го изби главниот аргумент против неа кој го користи Трамп (види: Елизабет Ворен докажа декa е Скво). Тој потег не ѝ донесе многу поени кај симпатизерите (ним не им е многу гајле кој е што по потекло), но се проценува дека тајмингот беше добар, чисто да се издиши тој трампов балон на време, за да не прави проблеми подоцна, кога ќе биде побитно.