
Доналд Трамп во кампањата се фалеше дека ако биде избран за претседател, „за 24 часа“ ќе може да ја запре војната во Украина. По вчерашниот телефонски разговор со Путин, тој испрати два сигнали дека се лади од миротворна и посредничка иницијатива.
Прво на својата социјална мрежа тој порача дека „за условите за преговори ќе дискутираат директно двете страни, како што единствено може да биде, бидејќи знаат детали што никој друг не би можел да ги претпоставува“. Набрзо потоа Трамп додаде дека нема да се повлече од посредување, но призна дека „во главата има црвена линија“.
Вклучени се големи ега, но мислам дека нешто ќе се случи. А ако не, јас само ќе се повлечам и тие ќе мора да продолжат, порача Трамп.
Роланд Олифант од британски Телеграф забележува дека добар дел во својата верзија за разговорот Трамп посветил на потенцијалите за трговска размена помеѓу САД и Русија кога ќе заврши војната, што сугерира на нестрпливост да ги укине воените санкции за Москва, наместо да ја притисне со нови за да преговара.
Целта на Трамп отсекогаш се чинеше дека е помалку мир во Украина, отколку нормализирање на американските врски со Русија. Тоа значи дека Белата куќа ќе се заложи за брз договор, а не за добар договор, и дека Русија ќе може да ја обнови својата економска, а со тоа и воена моќ побрзо отколку што се мислеше. Лоши вести за Украина и за Европа, пишува Олифант.
Рускиот политички аналитичар од Виена, Михаил Комин, спротивставената реакција на Путин и на Трамп ја нарече „гласна празнина“. Тој претпоставува дека двајцата претседатели всушност разговарале за сосема различни теми, пред сѐ за билатералните економски односи меѓу Русија и САД.
Па за што тие двајцата разговараа цели два часа? И Трамп и Путин знаеја дека не можат да се убедат меѓусебно во нивните аргументи, вели Комин за Дојче веле.