Во мировниот план од 20 точки на Трамп за Газа, Одборот за мир беше дефиниран како тело што ќе врши надзор врз почитувањето на примирјето, разоружувањето на Хамас и реконструкцијата на палестинската енклава.
Трамп сега сака Одборот да прерасне во глобален чувар на мирот, на местото на Обединетите нации, кои трошат многу пари од членките, а речиси воопшто не ја извршуваат основната улога да прекинуваат и да спречуваат војни низ светот.
ОН едноставно не беа многу од помош. Јас ги ценам Обединетите нации, но тие никогаш не го остварија својот потенцијал. ОН требаше да ги реши сите војни што јас ги решив, изјави Трамп, спроти патувањето во Давос.

Трамп веќе се назначи за неприкосновен претседател на Одборот, со неограничен мандат. Според нацрт-повелбата, може да замине само ако самиот посака или со едногласен став на Извршниот одбор. Кој било иден претседател на САД нема да може да го повлече Трамп од врховната позиција во Одборот, но ќе може да назначи нов член.
Во Одборот за мир Трамп поканил најмалку 60 светски лидери. Дефинитивен список не е објавен, но поканата јавно ја прифатија Израел, Унгарија, Албанија и неколку други земји, денеска дури и Косово.
Москва и Пекинг потврдија дека се поканети претседателите Владимир Путин и Ши Џинпинг, но не одговориле дали ќе учествуваат.
Моментално ги проучуваме сите детали од овој предлог и се надеваме на контакт со американската страна за да ги разјасниме сите нијанси, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Францускиот претседател Макрон ја одбил поканата, токму поради судир на ингеренции со Обединетите нации.
Кога ќе ја прочитате повелбата, таа не се однесува само на Газа, за разлика од резолуцијата за која гласавме... во Советот за безбедност на ОН, која беше насочена кон Газа и Блискиот Исток, изјави за ЦНН портпаролот на француското Министерство за надворешни работи, Паскал Конфавро.
Одборот за мир може официјално да биде промовиран утре на Светскиот економски форум во Давос, со свечена церемонија на која лидерите би ставиле потпис на членството. Според нацртот на Повелбата, Одборот би бил поделен во две категории – обично членство, со ротирачки мандат од три години, и постојано, кое ќе може да се „купи“ со донација од 1 милијарда долари во кеш, уплатени најдоцна една година по стапувањето на сила на Повелбата.

Арон Дејвид Милер, поранешен американски преговарач за Блискиот Исток, тврди дека Одборот за мир не може да ја замени работата на ОН.
Сè ова е замислено за далечна галаксија, а не за реалноста овде на планетата Земја... Дури и со сите недостатоци и нефункционалности на ОН... не можете да се натпреварувате со оваа организација. Преголема е, трајна е и премногу е интегрална за толку многу различни делови од меѓународниот пејзаж, изјави Милер.