Салвадорскиот претседател Најиб Букеле, преку социјалните мрежи порача дека неговата земја е подготвена да прифати само осудени криминалци, вклучително и американски државјани, дека тие ќе бидат сместени во мега-затворот CECOT (Центар за притвор на терористи) а САД ќе платат услугата.
Вика, оваа компензација ќе биде мала за САД, но значителна за Ел Салвадор и ќе го направи целиот затворски систем на оваа централноамериканска земја финансиски одржлив.
Се работи за најголемиот и најбруталниот затвор со максимална безбедност во Ел Салвадор и цела Латинска Америка. Изграден е во 2022 година, отворен во 2023 година и се смета за круна на борбата на Букеле против бандите и наркокартелите, кои се тамошен проблем уште од 1980-тите.
* Отворањето го регистриравме во статијата „Ел Салвадор пресели 2.000 затвореници во нов затвор“
Се работеше главно за повратници од САД кои избегаа од граѓанската војна во Ел Салвадор, по што основаа злогласни банди и продолжија со трговија со дрога и луѓе, изнуди, киднапирања и уцени. Ривалството меѓу двете главни банди, од кои секоја има околу 60.000 членови (дома и дијаспора), доведе до крвави судири и во еден момент тие практично го контролираа животот во Ел Салвадор.
Букеле на насилството одговори со насилство, а на бруталноста со бруталност. Воведе вонредна состојба, десетици илјади луѓе беа осудени по кратки постапки, понекогаш и по неколку стотици одеднаш. Во такви постапки знаат да изгорат и невини луѓе па Букеле се најде под критика на организациите за заштита на човековите права.
Затворот може да собере околу 40.000 затвореници во осум блока и 256 ќелии. Опкружен е со две електрични огради и два армирано-бетонски ѕида и се протега на 23 хектари.
Една ќелија има два тоалета и две „кади“ а ја делат повеќе од сто луѓе. Не само кревети, немаат ни доволно душеци па спијат на метални рамки. Имаат нешто повеќе од половина квадратен метар простор за живеење и спиење (Меѓународниот Црвен крст препорачува 3 квадратни метри).
Ќотекот таму е поредовен од оброците (имаат 800 затворски чувари) иако не се знае колкумина имаат изгубено живот од претепување од чуварите а колкумина од меѓусебни пресметки.
Не постојат никакви програми за ресоцијализација и подготовка за враќање во општеството после отслужување на казната, нема работилници или образовни програми...
Од едноставна причина: владата нема намера некогаш да ги пушти на слобода.
„Сите невладини организации за човекови права нека знаат дека ќе ги уништиме овие крвави убијци и нивните соработници, ќе ги стрпаме во затвор и никогаш нема да излезат“, своевремено твитна Букеле.