САД ќе извезува затвореници во Ел Салвадор

Сите оние насилни и осудени мигранти криминалци кои САД не може да ги депортира по брза постапка сега ќе може лагано да ги форвардира во затворите во Ел Салвадор, без разлика од која земја доаѓаат. Бонус, има место и за американски граѓани.

Потегот на Ел Салвадор, за новиот американски министер за надворешни работи, Марко Рубио, е „акт на извонредно пријателство кон нашата земја, знаејќи ги предизвиците со кои се соочува САД,“ кој и лично го пофалил претседателот Најиб Букеле пред Трамп.

Рубио е на турнеја низ Латинска Америка, а една од задачите од шефот му е да ги натера тамошните држави да прифатат што е можно повеќе луѓе кои ќе бидат депортирани од САД како дел од кампањата на новата администрација.

Букеле упорно работи на што е можно поблиски врски со Трамп, откако луѓе од претходната американска администрација и нивни истомисленици, со години го напаѓаа дека е погрешно што својата земја ја чистел од криминалци. Букеле учествуваше и во претседателската кампања на Трамп.

Освен пријателството, Букеле очекува САД и да плаќаат надомест за затворениците што ќе им ги чуваат.

4 февруари 2025 - 11:17