Топењето на мразот го загрева апетитот за Гренланд

Поради топењето на глечерите и на вечниот мраз, на виделина се појавува сè поголема копнена површина од Гренланд. Ете уште една причина повеќе за Трамп да го анектира најголемиот остров на светот. Научниците, сепак, предупредуваат: Новото копно што се отвора е крајно нестабилно за дупчење нафта и копање ретки минерали.

Температурата на Гренланд се зголемува побрзо отколку на кое било друго место на планетата. Топењето на глечерите и на вечниот мраз го зголемиле брегот на данскиот остров за 1.600 километри.

Ова го утврдиле чешки истражувачи од Универзитетот Јужна Бохемија, споредувајќи сателитски снимки на глечерите во Арктикот направени во 2000 и во 2020 година. Од новото крајбрежје во вкупна должина од 2.500 километри дури две третини биле на Гренланд. Овој процес има и геополитички последици.

Во натпреварот за контрола на ресурсите на Арктикот најдалеку отиде американскиот претседател Доналд Трамп, кој отворено и сериозно се заканува дека САД ќе го присвојат Гренланд, данска автономна територија за која тврди дека е од национален безбедносен интерес на САД. Најголемиот остров на светот претставува копнен мост помеѓу Европа и Америка, а богат е со руди, ретки минерали и неистражени резерви на нафта и гас.

Јан Каван, водачот на чешкиот научен тим, предупредува дека таму каде што се повлекол мразот не е препорачливо да се копа.

Новото крајбрежје не е консолидирано. Не е цементирано со вечниот мраз и чувствително е на ерозија. Ова крајбрежје е веројатно најдинамичното во светот, вели Каван.

Во тесните фјордови, на пример, без глечерите се нарушува стабилноста на карпите, кои се одронуваат.

Во септември 2023 година лизгање на земјиште во фјорд на Гренланд предизвикал потрес регистриран на сеизмографи и локално цунами високо 200 метри. Во јуни 2017 година во населбите Нугаатсијак и Илорсуит во северозападниот дел на Гренланд цунами однесе 11 домови и четири човечки животи.

Напорите за искористување на природните ресурси на Арктикот може да бидат ризични. Се појавува нова територија со потенцијални природни ресурси, но опасно е да се ризикува поради одрони и цунами, додава Каван.

Види и:

Битка за Арктикот, битка на 21-от век

24 март 2025 - 20:07