Тони Блер: Укинете ги „нето нулата“ и климатските конференции

Лабуристите го игнорираа реформистот Најџел Фараж, а потоа и конзервативците кога бараа да се отфрли политиката за „нето нула“ емисии на гасови. Тони Блер бара уште порадикални промени – да се укинат и глобалните конференции за климата, зашто не даваат резултати. Решението за климатската криза треба се бара во прагматични иницијативи и вложувања во нови технологии.

Поранешниот лабуристички премиер Тони Блер ги повика и британските и светските власти радикално да ја преиспитаат политиката за нето нула емисија на гасови, зашто е очигледно дека не функционира. Целите се неостварливи и слепото придржување до нив само го зголемува притисокот врз граѓаните.

Се продлабочува јазот до граѓаните, од кои се бараат големи финансиски жртви и промени во начинот на живеење, иако знаат дека ефектот врз глобалните емисии на штетни гасови е минимален, порача Блер во документот „Климатски парадокс“, објавен од неговиот институт ТБИ.

Минатата недела лабуристичкиот премиер Кир Стармер изјави дека справувањето со климатската криза и зајакнувањето на енергетската безбедност се „во гените на владата“, која „нема да го запре процесот, туку ќе го забрза“.

Документот потпишан од институтот на Блер оди многу подалеку од преиспитување на целите за гасовите. Се бара целосно укинување на глобалните конференции за климатски промени, познати како КОП, зашто не решаваат ништо. За сериозно соочување со климатските кризи потребно е да се формира „нова коалиција“ што може да испорача резултати.

Климатскиот активизам успеа да го привлече вниманието, но денешните стратегии се далеку од политичката, јавната и економската реалност. Дебатите се преполни со ирационалност, наведува Блер.

Тој тврди дека климатските активисти ја изместиле точката на рамнотежа. На движењето му е потребен мандат од јавноста, што е возможно само преку преоѓање од протест кон прагматична политика.

Блер е убеден дека политичарите денес ја разбираат ирационалноста на дебатата, но се плашат да го признаат тоа за да не бидат обвинети дека се „негатори на климатските промени“.

Како аргументи се наведуваат глобалните трендови што одат во спротивна насока од климатскиот пристап. Користењето фосилни горива ќе се зголемува до 2030 година, авионскиот сообраќај ќе се удвои во следните 20 години, а до крајот на деценијата речиси две третини од штетните гасови ќе доаѓаат од Кина, Индија и од Југоисточна Азија. Тоа се незгодни факти што укажуваат дека е осудена на пропаст секоја стратегија базирана на фазно исфрлање на фосилни горива или на ограничување на потрошувачката.

Има простор за големи собири на сите нации, можеби не секоја година. Но, реалноста е дека климатското прашање реално може да се реши само со одлуки на големите земји и нивните политички насоки за технологијата и финансиите, се наведува во документот. 

Како алтернатива се предлага нов модел што ќе ги приближи амбициите до капацитетите. Наместо да ги елиминираат емисии со зелена енергија и електрични автомобили, владите треба да се посветат на глобални инвестиции во технологии што го ловат јаглеродот во изворот, пред да стигне до атмосферата. Вештачката интелигенција треба повеќе да се вгради за поштедливо користење на енергетската мрежа, а има потенцијал да изнајде револуционерни решенија за намалување на потребата за енергија.

Се повикува и на инвестиции во новата генерација модуларни нуклеарни реактори, кои даваат чиста енергија и отвораат нови работни места, како и во експериментални фузиски реактори, кои имаат потенцијал да генерираат речиси неограничено количество евтина струја без каков било ризик за околината.

29 април 2025 - 16:05