Дури во 1804 година планетата Земја достигнува популација од 1 милијарда луѓе, за 15-ти ноември 2022 О.Н. да го прогласи за „Денот на осмата милијарда“.
Освен размножувањето на човештвото голема работа во бројноста му врши и продолжениот животен век на луѓето како резултат на различни напредоци, од медицински до прехранбени.
„Овој раст без преседан се должи на постепеното зголемување на животниот век како резултат на подобрувањето во јавното здравје, исхраната, личната хигиена и здравството. Тоа исто така е резултат на постојаните нивоа на плодност во одредени држави,“ се порачува во соопштението на Обединетите нации.
Најголемиот дел од растот отпаѓа на државите со средни приходи, главно во Азија, кои од 2011 додаваат 700 милиони луѓе. Само Индија е плус 180 милиони луѓе и е на пат следната година да ја надмине Кина како држава со најбројно население.
И покрај ваквите бројки демографите тврдат дека стапката на раст полека е падната на помалку од 1% годишно, и по оваа статистика до бројката 9 милијарди луѓе на планетава ќе стигнеме во 2037.
Проекциите на Обединетите нации се дека глобалната популација ќе го достигне својот пик на околу 10,4 милијарди луѓе некаде во 2080-те и ќе остане на тоа ниво се до 2100 година.
Најголем дел од овие 2,4 милијарди (од 8 до 10,4) се очекува да дојде од супсахарска Африка, а не како до сега од Кина и Индија.