Технолошките гиганти ги кријат долговите со трикот на Енрон

Енрон влезе во историјата како синоним за корпоративен економски колапс. Збриша 74 милијарди на берзите и банкротираше компании. 25 години подоцна некои од највредните светски компании создаваат слични финансиски механизми кои ги маскираат долговите во  време кога инвеститори вложуваат илјадници милијарди долари во системи за вештачка интелигенција.

Енрон во 2001 година ги искористи сметководствените правила на САД за да ги скрие од инвеститорите и од кредиторите стотиците милиони долари долг што ги имаше спакувано во вонбилансни ентитети - скриени обврски кои придонесоа за еден од најголемите корпоративни колапси во историјата на САД.

Користејќи го истиот сметководствен трик што го уништи Енрон, петте најголеми технолошки компании кои се составен дел од речиси сите индекси на берзите и пензиски сметки - Алфабет, Микрософт, Амазон, Мета и Оракл, денес кријат вкупен долг од 1.650 милијарди долари, кој никогаш не се појавува во нивните биланси.

Оваа сума е приближно осум пати поголема отколку што беше пред четири години. Мета е најлошиот пример во групата. Таа има долг од околу 420 милијарди долари надвор од официјалните сметководствени книги, речиси тројно повеќе од она што им го прикажува на инвеститорите на хартија.

Реалниот долг исчезнува со едноставен трик. Кога некоја од овие компании ќе потпише повеќегодишен договор за купување графички процесори, чипови и сервери, или ќе закупи огромен центар за податоци што сè уште не е пуштен во употреба, сметководствените правила им дозволуваат таа обврска да ја држат надвор од билансот на состојба сè додека објектот навистина не почне со работа.

Договорите се потпишани, фактурата е реална, но тоа сè уште не се води како долг. Се книжат само актуелните амбиции, а се кријат обврските за во иднина. Тоа создава лажен впечаток дека тековната добивка е поголема, а билансот е почист. И сето тоа е легално. Банката за меѓународни порамнувања ја нарекува оваа тактика „задолжување во сенка“.

Сметководствениот третман е во мода и сам по себе не е страшен. Но, што ако една од овие компании е кула од карти и се одржува само благодарение на овој сметководствен третман?, предупредува за Блумберг консултантот Том Селинг. 

Енрон буквално го применуваше истиот метод. Го префрли својот долг во средства што беа надвор од книгите, па профитот изгледаше неверојатен, додека вистинските обврски се натрупуваа таму каде што инвеститорите не можеа да ги видат. Кога конечно се распадна, стана најголемиот корпоративен колапс во својата ера.

На берзите им оди добро, но Вол Стрит веќе го препознава ризикот. Morgan Stanley  во извештај за инвеститорите го означи зголемувањето на закупите на центри за податоци како „голем ризик“. Moody's предупреди дека обврските за закуп пред отворањето на центрите би можеле да го зголемат притисокот врз компаниите кои изгледаат „недопирливи“.

Тактиката функционира сè додека има интерес за центри за податоци. Сите договори се со претпоставка дека побарувачката за ВИ ќе расте засекогаш. Во моментот кога побарувачката ќе забави, компаниите сè уште ќе должат за секоја изнајмена зграда и за секоја нарачка за графички процесори што ја потпишале, а приходите се намалуваат.

Инвеститорите мора детално да ги истражуваат објавите приложени кон финансиските извештаи за да најдат детали за вонбилансните структури и за тоа како секоја фирма ги евидентира овие аранжмани и поврзаните обврски. Информации има, но за да се најдат е потребно многу повеќе работа.

Злосторството на Енрон не беше постоењето на ентитети за посебни намени. Злосторството  беше нивното криење“, вели Гил Лурија, шеф за технолошки истражувања.

25 јули 2026 - 15:00