Круз беше последниот републикански кандидат со теоретски шанси да го победи Трамп, меѓутоа и тие шанси најмногу зависеа од победа во Индијана, каде резултатот беше 53,3% за Трамп спрема 36,6% за Круз.
Сенаторот од Тексас излегува од трката со освоени 565 делегати и 11 сојузни држави, вклучувајќи ја и Ајова (Светиот грал според сите американски претседателски изборни анализи).
Во обраќањето пред симпатизерите во Индијана, Круз порачува: "Од почетокот кажував дека ќе се борам се додека има можност за победа - вечерва со жалење соопштувам дека таа математика повеќе не постои."
Според правилата на Републиканската партија, ако еден кандидат освои 1.237 делегати тогаш партијата е должна да го прогласи истиот за нивни претседателски кандидат. Меѓутоа иако Трамп има недостижна предност пред кој било друг кандидат, тој се уште го нема обврзувачкото мнозинство заради што партијата на својата конвенција има право (ама не е задолжително) да номинира сосема трет кандидат, без разлика на досегашните резултати на изборите.
Останато е да се гласа во уште 4 сојузни држави. Трамп моментално има 1.047 делегати.