Таман кога Ирска помисли дека има рецепт за демократија

Ирска со години беше славена како патоказ за непосредната демократија со нејзините „граѓански парламенти“, случајно избрани луѓе кои дебатираат па после даваат препораки за некое прашање. Така успешно поминаа два битни референдуми, за истополовите бракови и за абортусот. Таман поверуваа дека ја имаат формулата, последниот двоен референдум доживеа маестрално фијаско. 

Кога Ирска ја напушти традицијата на социјален конзерватизам со успех на референдумот во 2015 година за истополови бракови и оној во 2018 година за абортусот, прогресивците за тоа му оддадоа заслуга на „граѓанскиот парламент“.

Се работи за 99 случајно избрани луѓе, собрани за да дебатираат по одредено прашање, ги одмеруваа аргументите од експерти и потоа  издаваат препораки за политики што, во тие случаи, го охрабрија политичкиот естаблишмент и гласачите да направат смели потези.

Влади и активисти ширум светот ја поздравија Ирска како модел за справување со контроверзни прашања кои предизвикуваат поделби и раздор и модерна инкарнација на концептот на „дебатна демократија“ што датира од античка Атина.

Меѓутоа, дебаклот на скорешниот двоен референдум сега ја става под прашање иднината на граѓанските собранија во Ирска.

На 8 март, граѓаните со големо мнозинство ги отфрлија предлозите за преформулирање на дел од уставот на Ирска од 1937 година.

Запрашани да се прошири дефиницијата за семејство, за да вклучи „трајни врски“, 67% гласаа против.

Запрашани да се замени референцата за жените во домот со нова одредба со која се признава улогата на негувателки, 74% гласаа против.

Ваквите огромни маргини им удрија шлаканица на сите кои водеа кампања за „ЗА. Токму тие сега ја преиспитуваат потребата од граѓански парламенти сомневајќи се во улогата на лоби групите.

Некои од основачите на оваа идеја се сомневаат дека некои невладините организации финансирани од државата го имаат контаминирано процесот со своите агенди. Други веруваат дека референдумскиот неуспех се должи на несреќните формулации кои ги извела владата.

Во секој случај, довербата во граѓанските собранија е еродирана. Некои тврдат дека репутацијата на Ирска како патоказ веќе не важи но други се убедени дека собранијата остануваат вредни демократски инструменти со кои се вметнуваат гласовите на граѓаните во процес кој инаку би бил целосно доминиран од бизнисот, синдикатите и групите на интерес.

п.с. десетина дена по референдумите, премиерот на Ирска поднесе оставка.

20 март 2024 - 11:50