Светот гори, баба климата ја чешла

Глобалнoто воено засилување и трката по дополнително вооружување на армиите претставуваат  суштинска закана за климатските цели, велат истражувачи по кои само вооружувањето кое го планира НАТО ќе ги зголеми емисиите на стакленички гасови за речиси 200 милиони тони годишно. Човечките жртви на сеопштата милитаризација отпосле ќе ги пребројуваме.

Со оглед на тоа што светот се вплетка во најголем број вооружени конфликти од Втората светска војна, државите се впуштат во огромни воени трошоци, кои пред две години заедно достигнаа рекордни 2,46 билиони долари. 

Постои вистинска загриженост околу начинот на кој даваме приоритет на краткорочната безбедност и жртвуваме долгорочна безбедност, вели Ели Кини, истражувач во Опсерваторијата за конфликти и животна средина.

Малку војски се транспарентни за употребата на фосилни горива, но истражувачите процениле дека колективно тие се веќе одговорни за 5,5% од глобалните емисии на стакленички гасови. Овој процент се очекува да се зголеми, бидејќи членките на НАТО се обврзаа да трошат повеќе за одбрана и да ги зајакнат оружените сили. 

Според Глобалниот индекс на мирот, во 2023 година се милитаризирале 108 земји. Тоа е најизразено во Европа, каде што трошоците за оружје се зголемиле за повеќе од 30%, според Меѓународниот институт за економија и мир. Во март ЕУ предложи уште 800 милијарди евра трошоци за обнова на вооружувањето. 

Се испушта многу јаглерод пред сè за производство на опремата, која е главно челик и алуминиум. За време на операциите армиите постојано маневрираат, со што користат дизел за копнените и поморските операции и керозин за воздушните, наведува Ленард де Клерк, еден од авторите на студијата. 

Во анализата биле користени резултати од неодамнешен труд, во кој се тврди дека зголемување на 1% на трошоците за одбрана како дел од БДП доведува до зголемување на емисиите на стакленички гасови за 0,9% до 2%. Ако пак се пресметаат економските последици од зголемените емисии (проценети на 1.347 долари за тон CO2), штетата од вооружувањето на НАТО би достигнала 264 милијарди долари годишно.

Истражувачите предупредуваат дека влошувањето на климатската криза индиректно е двигател на нови конфликти, како на пример во суданскиот регион Дарфур, каде што војната почна за контрола на оскудните ресурси по долгата суша. Повлекувањето на мразот на Арктикот создава тензии кој да ги контролира нафтата, гасот и критичните минерални ресурси во морето.

29 мај 2025 - 13:25