Судбината на жртви на семејно насилство ја решава полициски алгоритам

На дигитален алгоритам во Шпанија му е префрлена одговорната задача да го процени ризикот дали ќе се повторат напади врз жртви што пријавиле семејно насилство, врз основа на анализа на одговори од обемен прашалник. Инспекторите и судиите ја почитуваат препораката во 95% од случаите. Алгоритмот помага, но секоја грешка може да има фатални последици.

Жена од шпанскиот град Беналмадења во јануари пријавила дека е жртва на насилство од нејзиниот поранешен партнер. Нејзиниот случај бил регистриран во дигиталниот систем Виоген, со чија помош полицијата го проценува ризикот од повторување на семејно насилство. Лина, како што е идентификувана жената, одговорила на 35 прашања за формата и интензитетот на насилството, за пристап на насилникот до оружје, за неговата ментална состојба и за статусот на врската.

Можните препораки од Виоген се категоризирани како незначаен, низок, среден, висок или екстремен ризик дека насилството ќе продолжи. Алгоритмот оценил дека Лина е соочена со „среден“ ризик.

Под делумно влијание на оценката од Виоген, Специјалниот суд за семејно насилство во Малага го одбил нејзиното барање да му се забрани на партнерот да ѝ се приближи. Три недели подоцна, таа веќе била мртва. Откако нејзиниот партнер пристигнал во нејзиниот дом избувнал пожар. Партнерот, татко на нејзините три најмлади деца, бил уапсен. Едно од децата пред полицијата изјавило дека таткото им ја убил мајката.

Протоколот налага жртвите со „среден“ ризик да бидат проверени по еден месец. Ако алгоритмот правилно го оценел ризикот како „висок“, ситуацијата ќе била проверена по една недела и жената веројатно ќе била спасена.

Алгоритми како Виоген се користат во Америка и во Европа. Во Британија полицијата се потпира на системите ДАРА, кој е база на податоци и постапки, и ДАСХ, кој го проценува ризикот од нов напад. Но во Шпанија алгоритмот е цврсто вграден во полициската практика. Во дури 95% од случаите инспекторите ја потврдиле дигиталната проценка. Главната инспекторка Изабел Еспехо го опишува Виоген како „суперважен“.

Системот помага многу прецизно да го следиме случајот на секоја жртва, вели Еспехо.

Шпанската полиција секој ден во просек добива по десетина пријави за семејно насилство. Виоген издвојува како „екстремни“ 90% од случаите. Тоа ниво на ризик налага целодневна полициска заштита на жртвата сè додека не се промени ситуацијата и не се намали ризикот. Полициска заштита добиваат и жртви соочени со висок ризик од ново насилство.

Во случаи на „средно“ ниво на ризик, судијата одобрува барање за оддалечување на насилникот ако утврди докази за делото и постоење закана дека може да се повтори.

Нема научни истражувања колкав е степенот на влијание на Виоген врз одлуките на полицијата и на судовите. Министерството за внатрешни работи не дозволува пристап и до алгоритмот и независна експертска анализа.

Групата Етикас во 2018 година спровела надворешно истражување, споредувајќи изјави на жртви на насилство со јавно достапни информации. Открила дека во периодот од 2003 до 2021 година 71 жени што биле убиени од поранешните партнери претходно пријавиле дека биле жртви на семејно насилство. За случаите што биле проверени со Виоген, алгоритмот го оценил ризикот како „незначителен“ или „среден“.

Хуан Хозе Лопез-Осорио, шеф за родово насилство во Министерството за внатрешни работи, вели дека заклучоците од истражувањето не се веродостојни, бидејќи било спроведено без податоци од Виоген. Тие не се споделуваат за да не бидат загрозени жените што пријавиле насилство. Тој додава дека Виоген веќе е надграден од првичната верзија. Променет е прашалникот, а наскоро ќе биде исфрлена категоријата „незначителен“ ризик.

***
Види и:
Погоди кој доаѓа на убиство

20 април 2025 - 12:45