Студената војна беше поевтина

Повеќето членоки на Северноатлантската алијанса сега ќе инвестираат поголем дел од својот БДП во војска отколку што инвестирале, на пример, во 1970 година, за време на Студената војна, пред детантот, односно ублажувањето на тензиите меѓу суперсилите, што го договорија Никсон и Брежњев. За победа над моќниот Советски Сојуз им требале помалку пари отколку за парирање на денешна Русија, која е само сенка на СССР.

Скромна вечера на НАТО во Хаг. Фото: ЕПА

Ако се оствари она што беше договорено на самитот на НАТО во Хаг, што бесрамно субмисивниот Марк Руте го оцени како голем успех на Трамп, тоа значи дека издвојувањата за одбрана, мерени како процент од БДП, ќе се зголемат повеќе од двојно за 20 години.

Трамп тоа го нарече „историско достигнување“, Шпанија се тргна настрана, Италија смисли како да ували проекти кои ѝ требаат во потребниот процент (види: Ем мост до Сицилија ем платена членарина за НАТО). 

Пред 11 години, по барање на Барак Обама, беше договорено формално обврзување на 2 посто од кои 20% (значи 0,4% од БДП) ќе одат за нова опрема. Повод и тогаш беше Русија. Се планираше членките да се прилагодуваат на новата членарина цела деценија.

Не сите се одушевени од договореното. Меѓу скептиците е хрватскиот претседател Зоран Милановиќ . Тој не верува дека навистина ќе се оди кон тие пет проценти и додаде дека не е „чирлидерка на НАТО која ќе ја развеселува публиката со кастанети“, туку гледа што е реално за Хрватска и што е во нејзин интерес. 

Шпанскиот социјалистички премиер рече дека целосно ја почитува легитимната желба на другите земји да ги зголемат своите инвестиции во одбраната, но дека Шпанија нема да биде меѓу нив. Тој зголемувањето го смета не само за „неразумно, туку и контрапродуктивно“. Трамп верува дека сепак ќе ја принуди Шпанија на воениот арач и во тоа ќе му помогнат преговорите за трговски договор со Шпанија.

„Не е тешко да се заклучи дека значителен дел од сумата што членовите ќе ја потрошат за зголемени трошоци за одбрана ќе заврши на сметките на американските воено-индустриски гиганти. Европските земји едноставно немаат доволно развиена воена индустрија, а евентуалните инвестиции во сопствениот развој, технологија и воена индустрија не даваат резултати на краток рок“, пишува Тихомир Понош.

На средината на 70-тите, само САД и Велика Британија издвојуваа повеќе од пет проценти за одбрана. Следна на листата беше Грција со 4,2 % која традиционално, заради ривалството со Турција, издвојува многу за војска. Издвојуваше и Португалија (4,1%), но не заради Студената војна туку заради нејзините реални војни во тогашните колонии (Ангола, Мозамбик, Гвинеа Бисао) за да ја задржи својата империја. 

Сега сите. Освен Шпанија. Засега.

 

6 јули 2025 - 08:18