
На самитот на НАТО во Холандија премиерката Џорџа Мелони ја прифати целта Италија да издвојува за одбрана 5% од својот бруто-национален приход. Тоа е огромен исчекор, бидејќи Рим беше далеку и од досегашниот праг за трошоци од 2% од БДП. Лани за војската издвои само 1,49%.
Шефот на дипломатијата Антонио Тајани и вицепремиерот Матео Салвини не гледаат никаков проблем зошто како „воен трошок“ не би поминала изградбата на мост преку Месинскиот Проток, грандиозен проект проценет на 13,5 милијарди евра. Клучните сојузници на Мелони тврдат дека најдолгиот висечки мост во светот нема да има само економска улога, туку и стратегиска вредност за одбраната, особено за проширување на зоната на дејство на НАТО.
Тие потсетуваат дека обврските кон НАТО подразбираат членките до 2035 година да издвојуваат по 3,5% од БДП директно за војската, а уште 1,5% за проекти што се индиректно поврзани за одбраната.
Во април владата усвои документ во кој се наведува дека мостот треба да се изгради заради јавен интерес, но и дека би имал „стратегиско значење за националната и меѓународната безбедност“. Се бара проектот да биде вклучен и во финансискиот план на ЕУ за мобилност на воен персонал, материјали и средства, зашто би се вклопил во стратегијата за поврзување на НАТО од Северна Европа до Медитеранот по копнен пат и железница.
Месинскиот Проток официјално е надвор од единствениот италијански коридор за воена мобилност на НАТО, кој почнува од пристаништата во регионот Пуља на петицата од италијанската чизма, преку Јадранското Море до Албанија и продолжува до Македонија и Бугарија.
Функционер од Министерството за финансии оценува дека брендирањето на мостот како „воен проект“ ќе ѝ помогне на владата да ги премости ограничувањата што досега ја спречуваа изградбата.
Новата ознака би ги надминала бирократските пречки и би ги спречила локалните власти да ја оспорат одлуката на суд. Исто така би ја олеснила финансиската конструкција, особено во следната година, изјави функционерот за „Политико“.
Во исто време проектот може да биде политички корисен за Мелони при обидот да ги протне пред јавноста зголемените трошоци во време кога Италија се движи кон штедење.
Сите досегашни напори за изградба на мостот со централен распон од 3,3 километри биле прекинати поради проблеми со трошоците, немањето градежна технологија за сеизмичка зона или последиците за локалните заедници. Опозицијата не се согласува ниту со потребата од изградба на мостот ниту со неговата класификација како воен трошок.
Ова е потсмевање со граѓаните и со обврските преземени во НАТО. Се сомневам дека овој блеф од владата ќе биде прифатен, вели европратеникот Џузепе Анточи од левичарското популистичко движење Чинкве стеле. Како поитен приоритет тој ја наведува обновата на водоводна инфраструктура, патиштата и болниците во Сицилија и Калабрија.
Неповолен знак за судбината на проектот е што Тајани предложи мостот да го носи името на Берлускони, контроверзниот премиер што освен по своите „бунга-бунга“ забави беше познат и по бесконечните правни битки и судски процеси.