
ЕУ не е ни блиску до постигнување на амбициозната цел да достигне 20% од глобалното производство на чипови во време кога глобалната побарувачка за полупроводници цвета за да ги задоволи растечките потреби за одбрана, зелена технологија и вештачка интелигенција. Извештај на ревизорската агенција ЕКА покажува дека ЕУ може да достигне едвај 11,7%.
Растечкиот трговски дефицит само ја влошува ситуацијата. Во 2024 година, Унијата имаше дефицит од дури 9,8 милијарди евра во трговијата со чипови со Кина, а сличен дефицит забележа и со Тајван, глобалниот лидер во производството на напредни варијанти.
Со воведувањето на Законот за чипови амбицијата на ЕУ беше да собере инвестиции од 86 милијарди евра до 2030 година, но тоа е пет пати помалку со сумата што ја трошат тајванската компанија ТСМЦ, јужнокорејскиот Самсунг и американскиот Интел. Тие издвоија 425 милијарди долари од 2020 до 2023 година, а само ТСМЦ имаше планови да инвестира во ЕУ. Интел, кој веќе има производствени капацитети во Ирска, ја одложи инвестицијата од 30 милијарди евра во мегафабрика во Магдебург со поддршка од речиси 10 милијарди евра од германската влада.
Побарувачката на пазарот расте побрзо отколку што можат да испорачаат европските производители на нискотехнолошки чипови. Тоа ја зголемува зависноста од увоз и ја изложува ЕУ на ризици од глобални нарушувања во синџирите на снабдување.
Недостигот на микрочипови може да предизвика огромни проблеми за индустријата. Во пресрет на пандемијата, недостатокот на чипови за германската автомобилска индустрија предизвика пад на производството на нивото од 1975 година.
Тие се присутни во сè. Во модерен автомобил има околу 1.500 чипови. До 2030 година ќе има 3.000. Дали е загрижувачки? Знаеме дека Кина, САД, Тајван и Јужна Кореја не седат мирни, укажува ревизорката Анеми Туртелбум.
Кина се очекува да го престигне Тајван како најголем светски производител на чипови во 2030 година со 22%. ЕУ тогаш ќе произведува само 8%.