
Нема сомнение дека левичарските партии, вклучувајќи ја и мојата, со години се воздржуваа од загриженоста на луѓето околу нелегалната имиграција. Премногу лесно беше луѓето да влезат во земјата, да работат во сивата економија и да останат нелегално. Мора да бидеме апсолутно јасни дека справувањето со секој аспект од проблемот со нелегалната имиграција е од суштинско значење, напиша премиерот Стармер за Телеграф.
Во обид да го одбрани рејтингот на владејачките лабуристи, кој веќе е надминат од партијата Реформ УК на Најџел Фараж, Стармер испрати патриотски пораки во говорот на Конференцијата за глобална акција за напредок во Лондон. До годишната конференција на лабуристите сер Кир ќе мора да да покаже дека како лидер на партијата и на владата е способен да ги отфрли заканите од Фараж. Загрозена му е и лидерската позиција во партијата од Енди Бурнам, кој добил поддршка од лабуристички пратеници.
Стармер ја оцени како легитимна загриженоста на граѓаните поради нелегалната миграција, но истакна дека проблемот не може да се реши со „токсичниот“ и „раздорен“ пристап на реформистите.
Левицата никогаш не смееше да го прифати верувањето дека неконтролираната легална миграција е добра вест за економијата... Нема едноставно решение, но мора да ја спроведеме секоја можна мерка за да ги одвратиме нелегалните мигранти, порача Стармер.
Тој ја критикуваше политиката на поранешниот лабуристички премиер Тони Блер да не воведува транзициски контроли на имиграцијата од источноевропските земји што своевремено ѝ се приклучија на Европската Унија, во која тогаш беше и Британија. Тоа предизвика скок на бројот на имигранти, далеку над проценките на владата. Ги критикува и Ед Милибанд и Џереми Корбин, лидери на лабуристите кога беа во опозиција, поради тоа што не зазеле построг став за имиграцијата.
Како важна мерка во новите напори против нелегалната миграција Стармер ја претстави дигиталната лична карта, која ќе биде бесплатна и до крајот на овој состав на Парламентот ќе биде задолжителна за остварување на правото на живеење и работа. Системот треба да ги спречи нелегалните мигранти да работат на црно.
Во почетокот дигиталната лична карта да биде ограничена на возрасни лица што бараат работа, но може да се прошири во супер-карта за пристап до сите јавни услуги и сервиси, од остварување на граѓански права до пријавување дупки на патот.
Реформистите и конзервативците се спротивставија на иницијативата, предупредувајќи дека проширувањето на шемата може да ги загрози граѓанските слободи. Со слично објаснување конзервативците во 2015 година ја укинаа шемата за лични карти воведена од Тони Блер.
Дигиталните лични карти нема да ги запрат бродовите. Повеќето газди кои нелегално вработуваат поединци го прават тоа свесно и нечесно, изјави секретарот за правда во сенка Роберт Џенрик.