Во разговор со новинари при официјалната посета на Кина, Стармер ги поддржа ставот на американскиот претседател Доналд Трамп дека е од огромна важност да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје и обвинувањето до режимот во Техеран за бруталното задушување на демонстрациите на граѓаните. Ова се главните аргументи на Трамп за испраќањето армада кон водите на Персискиот залив и отворените закани за воен удар врз Иран.
На прашањето каква е позицијата на Британија во однос на кризата околу Иран, Стармер не повика на деескалација, како што досега правеше кога САД се закануваа со воена акција.
Целта е Иран да не може да развива нуклеарно оружје и тоа е од огромна важност. Секако, го имаме предвид фактот дека тие ги потиснуваат демонстрантите, убиваат демонстранти, гротескно е она што се случува, па затоа нашиот фокус е таму и работиме со сојузниците за таа цел, изјави Стармер за ББЦ.
Втор пат прашан дали тоа значи „можеби да“ на воена интервенција, Стармер одговори: „Ја поддржуваме целта и разговараме со сојузниците за тоа како да стигнеме до таа цел.“
Изјавата на Стармер се надоврзува на извештаи на израелски весници, во кои се тврди дека Британија, Франција и Израел им помагаат на САД во подготовката на список на потенцијални цели во Иран.

Борбената група на носачот на авиони „Абрахам Линколн“ пристигна на Блискиот Исток и САД ги зајакнаа воздухопловните и противвоздушните сили во своите бази во регионот. Трамп се закани дека американската армада е подготвена да дејствува „брзо и насилно“ ако Техеран итно не им се врати на преговорите за својата нуклеарна програма, но неодамна ја ублажи реториката и изрази спремност за разговори со иранското раководство.
Техеран вчера возврати дека разговорите може да бидат успешни само ако Трамп престане да се заканува со насилство. Иран најави воени вежби со боева муниција во Ормутскиот теснец следната недела.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се понуди да посредува за деескалација на воените тензии во регионот.