„Оди сега посети го Брисел и само ќе слушаш приказни за германската неспособност.
Нефункционалноста на три-партиската коалиција на Шолц се прелева во Европа, компликувајќи го секојдневното одвивање на работите додека германските владејачки партии се расправаат и препираат,“ пишува Економист.
Процената на економист е дека Шолц ја нема наклонетоста кон трпеливиот пристап на Меркел во правење зделки, туку на ЕУ самитите ја изразува германската позиција „а потоа изгледа изненаден кога другите не се постројуваат зад него.“
Иако има одредени успеси, како одлуката на владата на Шолц за масовни инвестиции во одбраната, општиот впечаток Економист го сведува на пропаднати очекувања од германското лидерство.
Недостатокот на лидерство, кое не може да го надомести ниту една друга членка, вклучително и Франција, се одразува на трупање клучни проблеми. Прво е проширувањето на ЕУ кон „Украина и други места“ кое за воопшто да се случи прво Унијата треба да реши дома некои клучни работи, како промени во земјоделските политики (субвенциите) и укинување на еднаквото право на вето на секоја од членките.
Друга задача е комплетирање на проектот за обединување на пазарите за капитал, кој треба значително да ги зголеми приватните инвестиции во ЕУ.
Економист смета дека добрите вести се што Шолц има пристоен инстинкт околу овие проблеми, плус Урсула вон дер Лејен, која само што го доби вториот мандат е негов верен сојузник.
Лошите вести се што нема многу време, сите три владејачки партии лошо минаа на европските избори, а слични резултати очекуваат и на изборите во сојузните држави во септември. Следните општи избори во Германија се во есента 2025, па се очекува дека германските партии фокусот ќе го пренасочат од Европа на домашен терен.
„Со растечките геополитички ризици и стагнирањето на европската економија, тоа ќе биде кратковидо и опасно. Г-дин Шолц и Германија, треба да засилат темпо,“ пишува Економист.