
Ќелијата за легитимирање на израелските воени сили била формирана набрзо по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, пишуваат во заедничко извештај израелско-палестинскиот Магазин +972 и порталот на хебрејски Локал кол. Целта на единицата е да прави сè што може за да го зајакне имиџот на Израел пред меѓународната јавност за да не се прекине дипломатската и воена поддршка од клучните сојузници.
Идејата е да се обезбедат услови војската да оперира без притисок, а земјите како Америка да не го запрат доставувањето оружје, изјавил разузнавачки извор за Магазинот +927.
Во барем еден случај единицата погрешно презентирала информации за да може да идентификува новинар како член на терористичка група, што во Газа всушност е смртна казна.
Пред една недела новинарските здруженија и светската јавност жестоко го осудија убиството на новинарот Анас ал Шариф од Ал Џезира и тројца членови на неговата екипа во шатор во Газа. Израелските сили објаснуваа дека новинарот бил легитимна цел зашто бил командант на Хамас. Како доказ беа претставени документи, фотографии и легитимации. Израелската пропаганда воопшто не се трудеше да го оправда убиството на неговите колеги.
Ликвидацијата на Шариф била подготвена уште од лани, со предупредувања дека тој одржува врски со Хамас. Наредбата за убиство била дадена откако неговите извештаи за гладувањето на цивилите во Газа го привлекоа светското внимание.
Локалните новинари на теренот се единствените што јавуваат за ситуацијата во Газа. На странските новинари пристапот им е строго забранет, освен во исклучителни и специјално одобрени случаи, кога репортерите придружуваат израелски воени единици. Забрането им е да разговараат со Палестинци, со што практично ја претставуваат израелската страна на војната.
За разлика од нив, палестинските новинари секојдневно се изложени на смртен ризик, иако се заштитени според меѓународното право. Во изминатите 22 месеци од војната, убиени се најмалку 180, според Комитетот за заштита на новинарите. Од нив 26 биле ликвидирани во намерни операции на израелските сили.
Ако глобалните медиуми го обвинуваат Израел дека убива невини новинари, веднаш се појавува притисок да се пронајде макар еден новинар кој можеби не е толку невин, за да може некако да се направи прифатливо убивањето на други 20, објаснил разузнавачкиот извор.
******
Види и: Израел со бомби ја замолкнува вистината за геноцидот во Газа
Израел е решен да ги истреби и новинарите кои го документираат геноцидот