Израел е решен да ги истреби и новинарите кои го документираат геноцидот

Израелските сили од октомври 2023 година убија близу 60.000 Палестинци во Газа. Уште безброј се заробени под урнатините, умираат од глад или биле застрелани додека чекале храна. Паралелно со крвопролевањето, забранети се меѓународни медиуми и се води системска кампања за истребување на оние што останаа да го документираат и да го разоткријат геноцидот во Газа и Западниот Брег.

При воената интервенција врз Газа израелските сили досега убиле повеќе од 230 новинари.

Во Газа, камерата е закана. Кога ќе бидете сведоци на вистината, станувате цел, вели палестинскиот новинар Ибрахим Абу Газалех, еден од новинарите што за „Интерсепт“ сведочат како геноцидните напади на Израел врз палестинскиот народ одат рака под рака со потиснувањето на слободниот печат.

Израелските војници постојано им се закануваат на новинарите и нивните семејства. Ги предупредуваат да престанат да известуваат, а потоа и ги напаѓаат, дури и со проектили, без милост за нивните семејства и соседи. Новинарите најчесто се жртви кога се најпрепознатливи - додека ги носат своите сини елеци што треба да ги заштитат.

Јумна Ел Сајед, поранешна дописничка на Ал Џезира на англиски јазик, меѓу првите ја објавила веста за нападот на Хамас врз Израел утрото на 7 октомври 2023 година. Кога Израел ја почна копнената инвазија врз Газа, Ел Сајед се обидела да избега од градот, но не издавале станови на новинари, бидејќи ги сметаат за закана.

Не можев да добијам никаков сигнал на телефонот. Мојот сопруг доби повик од некој што се претстави како офицер и порача: „Знаеме кој сте, земете ја вашата сопруга и деца и напуштете го вашиот дом, во спротивно вашите животи ќе бидат во опасност во наредните часови“, раскажува новинарката.

Без предупредување во ноември 2023 година бил нападнат домот на Мохамед ал-Саваф, наградуван режисер и основач на „Алеф мултимедија“. Тој верува дека израелската војска чекала целото семејство да биде во зградата пред да ја бомбардира. Загинале неговите родители, двајца од неговите четири браќа, нивните деца и неколку други членови на семејството.

Ал-Саваф и неговите двајца преживеани браќа, Монтасер и Марван, продолжиле со известувањето за геноцидот. Подоцна истиот месец Израел ја бомбардирал куќата во која се криеле браќата, при што загинале Монтасер и Марван. Ал-Саваф изгубил вкупно 47 роднини.

Нивната смрт ми ја исцрпи желбата за живот, вели Ал-Саваф. Сè уште чувствувам огромна неправда, бидејќи трпиме страдање без одговорност. Сепак, сè уште се обидувам да се издигнам и да ја продолжам нашата работа и мисија.

Газалех го преживеал израелскиот напад врз болницата Ал-Ахли, каде што бил хоспитализиран поради прегладнетост, и сведочи за хуманитарната катастрофа што Израел им ја наметна на Палестинците. 

Пазарите останаа без храна, а помошта што стигна не беше доволна. Дел од храната е бајата или со изминат рок, но немаме друг избор освен да ризикуваме и да ја јадеме бидејќи гладот е немилосрден. Деца се отруени, а некои семејства ја изгубија довербата во камионите што доаѓаат. Сè чини пари, за шатори, за храна, вели новинарот за Интерсепт.

Чекањето пред центрите за дистрибуција на помош е сурово искуство. 

Редовите се протегаат со километри и нема безбедност. Видов мајки како плачат од глад. Понекогаш чекате со часови и се враќате без ништо, вели Газалех.

Хуманитарната фондација за Газа, поддржана од САД, во мај отвори „центри за дистрибуција на помош“. Таму израелски војници убија 400 цивили што се обидуваа да стигнат до храна. Групата Лекари без граници ги осуди местата за дистрибуција како „колеж маскиран во хуманитарна помош“.

4 јули 2025 - 13:51