Сметководствена дупка без дно

Минатиот месец Пентагон откри сметководствена грешка во која најде 3 милијарди долари за Украина што претходно ги мислеа за потрошени. Деновиве откри дека не биле 3, туку биле 6,2 милијарди.

Грешката ги опфаќа фискалните 2022 и 2023, а се случила бидејќи „во значителен број случаи“ кога САД испраќале воена опрема, луѓето на Пентагон вредноста на опремата ја одредувале според тоа колку пари чини истата да се замени со нова, а не колку е вистинската вредност на опремата.

Бидејќи на Украина не и се испраќа ново неотпакувано оружје, туку во добар дел од случаите и користено или расходувано оружје, кое чини далеку помалку отколку новото оружје што треба да ги пополни американските резерви, „дојдено е до погрешен заклучок дека се потрошени повеќе средства отколку што навистина е.“

„Потврдивме дека за фискална 2023 крајната сума е 3,6 милијарди долари, а за фискална 2022 крајната сума е 2,6 милијарди, или вкупно 6,2 милијарди,“ изјавила портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.

Со новооткриените 6,2 милијарди долари Белата куќа повеќе нема да мора да чека Конгресот да одобри дополнителен пакет за помош за Украина до крајот на фискалната година во септември.

21 јуни 2023 - 10:51