Сите знаеле дека европската струја е падни-стани

На Шпанија и на Португалија ќе им требаат седум дена за да се опорават од десетте часа без струја. На Европа ќе ѝ биде потребно многу повеќе време за да ја закрпи електричната мрежа и да го среди регулаторниот хаос на „единствениот“ пазар. Главниот проблем се парите, но Европската Унија  веќе реши големите пари да одат кон воената индустрија.

Без оглед на тоа дали бил предизвикан од кибернетски напад, елементарна непогода или обичен дефект, прекинот на струја на речиси целиот Ибериски полуостров е отрезнувачко сведоштво колку е запустена електричната мрежа во Европа. 

Пред само една недела шпанската министерка за енергетика Сара Муњоз на конференцијата „Иднина на енергетската безбедност“ во Лондон повика на подобро планирање, поблиска соработка меѓу земјите и попристапни цени на струјата. Игнасио Галан од електродистрибуцијата Ибердрола предупреди дека инвестиции во мрежата се „поитни од кога било“ поради проценките дека глобалната побарувачка за струја двојно ќе се зголеми до 2050 година.

Потребни се цврсти енергетски политики, атрактивни приходи, побрзи процеси за издавање дозволи и рационализација на оданочувањето на енергијата, порача Галан.

Европската Унија признава дека обновата на електроенергетска мрежа е „суштински и запоставен елемент“, додека вниманието се концентрира на напорите за откажување од фосилните горива. Во акциониот план од крајот на 2023 година ЕУ предвиде потреба од 584 милијарди евра инвестиции до крајот на оваа деценија за модернизирање на мрежата. Во 2026 година се очекува посеопфатен „мрежен пакет“ приспособен на целите за зголемување на учеството на струјата во вкупната енергетска потрошувачка од 21,3% денес на 32% во 2030 година.

Но, застрашувачки комплицираниот пазар на електрична енергија во ЕУ и огромните скокови на цените на струјата и ги одбива потенцијалните инвестиции.

Податоци од Еуростат покажуваат огромни варијации во делот на сметките за струја што ги покриваат трошоците на мрежата, од речиси нула во Луксембург до над 30% во Германија и Унгарија.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во септември побара објаснување од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен зошто цените на струјата на „единствениот“ европски пазар се приближија до 1.000 евра за мегават-час во Унгарија, а соседна Австрија плаќаше само 61 евро. Мицотакис се пожали дека во толку сложен и нетранспарентен систем практично е невозможно да се разбере што ги крева цените во даден момент.

Треба да се најдат и пари за заштита на системите, кои се чувствителни на хакерски напади, па и од проектили. Ако Европа ги зголемува трошоците за одбрана поради воената опасност од Русија, искуството од војната од Украина треба да ја поучи дека енергетската мрежа ќе биде прва и постојана цел на напади. Треба да се заштитат и подморските кабли, како оние што веќе беа прекинати под Балтикот.

Пренасочуваме 3, 4 или 5% од БДП во безбедноста и одбраната. Зошто ова да биде радикално различно, изјави директорот на регулаторната агенција на ЕУ за енергија Кристијан Зинглерсен.

29 април 2025 - 10:38