Шведска, бумеранг, здраво

Хрватската писателка Славенка Дракулиќ која со години живее во Шведска објаснува дека подемот на крајната десница на последните избори е резултат на предолгото разубавување на состојбите околу миграцијата.

Во 2010 година десничарите од партијата Шведски демократи едвај влегоа во парламентот со 5,7% од гласовите. Осум години подоцна освојуваат 17,6% и стануваат трета партија по големина. За ваквиот резултат не ни морале многу да се трудат бидејќи тој повеќе е резултат на околностите отколку на нивните идеи кои се стандардни анти-европски и анти-миграциони тези.

„Не им беа сите предлози надвор од паметот, на пример, со години зборуваа дека за добивање државјанство, имигрантите мора да покажат познавање на шведскиот јазик, Многу земји тоа го имаат но Шведска го нема. Со таква благонаклоност на властите кон дојденците всушност сите губат бидејќи без познавање на јазикот, тие луѓе остануваат надвор од политичкиот живот на земјата. Не дека на Демократите им беше многу гајле за политичката интеграција на имигрантите, но тоа не значи дека не беа во право“, вели Дракулиќ.

Она што се променило не била партијата туку околностите. На земјата ѝ се случи бранот во кој прими повеќе мигранти по глава на жител од која било друга европска земја. Шведска долго беше горда на тоа, доживувајќи се како морален шампион на Европа. Ваквите промени имаат своја цена, првенствено материјална и психолошка, а на овие избори се покажа и - политичка. Политичарите на двете традиционални партии одбивале да зборуваат за цената на тој процес, а дебатирањето за цената било етикетирано како политички некоректно.

„Оваа празнина добро им дојде на Шведските демократи кои беа единствените кои зборуваа за финансиските и социјалните проблеми, не секирајќи се многу што ги оцрнуваат како расисти. Кога владата почна да воведува рестрикции за влез, веќе беше доцна. Луѓето се свртеа кон оние кои за тие проблеми зборуваа и порано,“ пишува Дракулиќ.

Во тоа табуизирање на проблемот со миграцијата здушно учествувале и шведските медиуми. Кога во 2013 година излегува книгата „Инвазија и помрачување“  во која со аргументи и официјални податоци се укажува дека медиумите систематски ја разубавуваат стварноста а проблемите ги пикаат под тепих, авторите на книгата биле дочекани на нож и обвинети за ксенофобија.

20 септември 2018 - 09:31