Тоа што се промени е што последниов период до Украина се повеќе се испраќаат совети дека на крајот сепак ќе мора да се откаже од дел од својата територија, само се лицитира дали тоа ќе бидат границите од пред 24-ти или границите исцртани од сегашните / идни освојувања на Русија.
Сериозни поделби има и меѓу САД и Европа, околу тоа што треба да се случува со Русија по крајот на војната.
„Дали тридеценискиот проект за интегрирање на Русија треба да заврши.
Во моментот кога САД ја нарекува Русија држава одметник која треба да биде исклучена од светската економија, други, главно Европа, предупредува на опасноста за изолирање и понижување на Путин,“ се објаснува во текстот на Њујорк тајмс.
И овие разлики не само што не се стишуваат со тек на време, туку се зголемуваат. Ако првичната намера на САД беше да спречи лесна победа на Русија во Украина, по сериозните првични неуспеси на Русија, амбициите на САД пораснаа на трајно осакатување на руската армија и нејзината способност за следни вакви операции.
Од друга страна како главен гарант на Украина, на САД му е јасно дека секое примирје со Русија, кое на крај ќе мора да биде одлучено од Зеленски и неговата влада, ќе подразбира и повлекување на дел или сите санкции наметнати против земјата, што ќе биде запишано како уште еден минус на Бајден.
Во меѓувреме како што на Путин му тргна со освојувањето во Донбас така се намалува веројатноста дека тој би сакал да започне со преговори. Освен со војна, ваквата позиција на Путин би можела да се разниша и со санкции на неговиот извоз на нафта и гас, доколку некогаш бидат наметнати во обем што би бил проблематичен за него.
„Без разлика дали ни се допаѓа или не, Путин ќе мора дома да донесе нешто, а Мариопул е мало парче, но сепак е парче.
А цената што Украина ја плаќа во животи и опрема ќе продолжи да расте, заради што ова е тешка политичка одлука за Украина,“ изјавил поранешниот висок функционер на Пентагон, Дов Захејм.
Во ЕУ, која искрено изненади што три месеца издржа во својата обединетост, поделбата е меѓу западните и централноевропските држави. Додека првите (Франција, Германија, Италија) бараат примирје за индустријата и економијата пак да можат да се разбаботат, вторите дури ја одбиваат идејата за преговори со Путин кого го нарекуваат воен злосторник.
Големите и покрај осудата на Путин и војната, се на став дека Русија е неизбежен сосед на ЕУ и таа не може вечно да биде изолирана, па на пример Макрон порачува дека идниот мир во Источна Европа не може да вклучува и „непотребно понижување на Русија“. Во исто време италијанскиот премиер Драги, повика на итно примирје во Украина.
Тоа што не е сменето и по три месеци е ставот на Западот дека „ништо нема да биде одлучено за Украина без Украина“ и официјално се чека некаков ишарет од Зеленски. Тој во повеќе наврати порача дека сака враќање на Русија на позициите од 23 февруари, и дека дури тогаш Украина ќе биде подготвена да преговара со Русија за примирје.
Минатата недела Зеленски повтори дека војната ќе мора да заврши со дипломатско решение, а не со убедлива воена победа.
За европските воени експерти и овие цели на Зеленски се амбициозни. Тие пресметуваат дека тоа би значело Украина повторно да ги освои Херсон и Мариопул, и ја да врати Русија назад на Крим. Според нив тоа е вон капацитетите на Украина, бидејќи контраофанзива бара бројност на војници од 3 спрема 1, плус оружје, нешто што Украина во моментот не го поседува.
„Што е победа за Украина?
Администрацијата на Бајден се наоѓа во комфорна зона со пораката дека Украинците ќе треба сами да одлучат.
Се согласувам, бидејќи во моментов нема никаква корист од детален разговор, бидејќи тој се сведува на тоа кои територии Украина треба да ги предаде,“ порачува поранешниот амбасадор во Полска и висок американски дипломат, Даниел Фрајд.