Што бара Русија, а што Украина за завршување на војната

Деновиве и Русија и Украина проговорија на тема мировни преговори за 10-месечната војна во Украина, и објавија свои барања. И според барањата, ова не е ни приближно при крај.

Прво Путин во разговор за руската државна телевизија изјави дека е „подготвен за да преговара некаков прифатлив исход со сите учесници во процесот“, за потоа да додаде дека „не одбиваме ние преговори, туку тие.“

Еден ден подоцна украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, за Асошиејтед прес изјави дека се надева дека во февруари ќе се одржи „мировен самит“ со цел ставање крај на руските напади на неговата земја. Кулеба за АП изјави:

„Секоја војна се завршува на дипломатски начин.

Секоја војна завршува како резултат на постапките преземени на военото поле и на преговарачката маса.“

Ова е оптимистичкиот дел, следниот е дел околу условите, и таму нема ни трунка оптимизам.

Изјавата на Путин дека се подготвени за преговори подоцна ја дополни Лавров, кој наведе список на барања на Руската федерација, за завршување на војната:

- Денацификација и разоружување.

Лавров го повтори првичното руско инсистирање за влегување во Украина - уништување на нео-нацизмот во земјата, повикувајќи се на барањето за „денацификација и разоружување.“


- Украина мора да се откаже од териториите што Русија ги анектираше.

Една работа што и е поважна на Русија од „денацификација и разоружување“ е задржување контрола над четирите региони кои формално беа анектирани во септември (Херсон, Запорожје, Донецк и Луганск). Дури и кога ја прогласија анексијата, Русија немаше целосна контрола на сите региони, денес има уште помалку контрола.

Својот список Лавров го завршува со пораката: „подобро исполнете ги барањата, инаку ќе бидат решени од руската армија.“

Кога Кулеба зборуваше за можниот мировен самит, тој го предложи генералниот секретар на О.Н. како главен медијатор, и порача дека Русија би била поканета на самитот само ако таа кривично одговара пред меѓународен суд, што гарантира дека Русија нема да се појави на таков самит.

Условите на Украина се:

- Русија да ја повлече цела своја војска од Украина.

Барањето е директно од Зеленски, според кого мирот ќе започне кога Путин ќе ја повлече војската.


- Русија да одговара за воени злосторства.

Ова Зеленски го побара уште на обраќањето пред Генералното собрание на О.Н. во септември. Тој повеќе пати инсистира дека Русија треба да се соочи со некаква форма на казна за војната.
 

- Безбедносни гаранции за Украина дека Русија нема да ја повтори инвазијата.

- Задржување на целата територија.

Првично Зеленски имаше уште едно барање, Путин да си замине од власт во Русија, меѓутоа тоа повеќе не се споменува.

30 декември 2022 - 11:24