Само неколку дена пред инаугурацијата на Трамп, претставници на шеикот Тахнун бин Зајед Ал Нахјан од Абу Даби и Ерик Трамп, синот на претседателот, потпишале договор за купување на 49% од акциите во World Liberty Financial - стартапот за криптовалути основан од членови на семејствата на претседателот и на Стив Виткоф, актуелниот мировен пратеник на САД за Блискиот Исток.
Купувачите се согласиле да платат однапред една половина од сумата, префрлајќи 187 милиони долари на сметките поврзани со семејството Трамп и 31 милион на субјекти поврзани со Виткоф. Извори на Волстрит журнал немале податоци како бил распределен остатокот, кој требало да се исплати до 15 јули 2025 година.
World Liberty стои зад стабилната валута USD1, која е поврзана со американскиот долар и поддржана од краткорочни американски државни обврзници, депозити во долари и еквиваленти на готовина.
Неколку недели по инвестицијата шеикот Тахнун се сретнал со Доналд Трамп и Стив Виткоф во Белата куќа и изразил интерес за технологија поврзана со вештачката интелигенција. Два месеци подоцна администрацијата се обврзала да му даде на Абу Даби пристап до околу 500.000 најнапредни чипови на Nvidia годишно - доволно за да се изгради еден од најголемите кластери на центри за податоци со вештачка интелигенција во светот. Една петтина од чиповите биле наменети за G42 - компанијата за ВИ на Тахнун.
Зак Виткоф, син на специјалниот пратеник за Блискиот Исток, на конференција во Дубаи во мај објави и дека MGX, инвестициската фирма на шеикот Тахнун, ќе ја користи стабилната валута USD1 за инвестиција од 2 милијарди долари во Binance - најголемата досега во компанија за криптовалути.

Овој потег го искачи USD1 на ранг-листата на најголемите стабилни монети, зголемувајќи го нејзиниот финансиски кредибилитет. Тоа му даде на World Liberty 2 милијарди долари во готово, кои компанијата ги чува во резерва за да ја одржи стабилна врската 1-1 на криптовалутата со доларот. Компанијата ги инвестира парите во државни обврзници и ја собира каматата проценета на 80 милиони долари.
Демократската сенаторка Елизабет Ворен, членка на повеќе Комитети во Сенатот, тврди дека ова е јасен доказ за корупција. Таа побара пред Комитетот да сведочат Виткоф, министерот за трговија Хауард Лутник и „крипто-царот“ на Белата куќа Дејвид Сакс, за да објаснат дали националната безбедност на САД била компромитирана заради приватна корист.
Претседателот Трамп дејствува само во најдобар интерес на американската јавност. Нема судир на интереси, изјави за Волстрит журнал портпаролката на Белата куќа, Ана Кели.